Достапни линкови

ЕУ незаинтересирана, оти сме биле економски многу добри


Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски на средба со еврокомесар за преговори за проширување Јоханес Хан во Брисел.

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски на средба со еврокомесар за преговори за проширување Јоханес Хан во Брисел.

Калимеро тези и префрлање на вината на друг во однос на еворинтеграциите на земјата е секогаш омилена спортска дисциплина на дипломатите и на политичарите, но реалноста зборува нешто друго.

Симпатично е кога политичарите ја превземаат улогата на аналитичари на самите себеси и на својата работа, вели политичкиот аналитичар Арсим Зеколи, коментирајќи ја изјавата на министерот за надворешни работи Никола Попоски во интервјуто за државната агенција МИА, во која посочува дека за Европската Унија не е некоја драма грчката блокада на Македонија, зошто во изминатите шест години ние сме меѓу првите пет растечки економии, но и земја која остварила најмногу реформи за правење бизнис според Светска Банка. Попоски меѓудругото потенцира дека Грција е таа која реално има многу големи проблеми и сите членки на Унијата имаат сочувство за тоа што се случува таму.

Изјавите на странските претставници од ЕУ и од НАТО дека спорот со името е само еден од многуте надворешни и уште повеќе внатрешни проблеми ги побива овие калимеро тези за самосожалување за неправдите со кои се соочуваме.

„Изјавите на странските претставници од ЕУ и од НАТО дека спорот со името е само еден од многуте надворешни и уште повеќе внатрешни проблеми ги побива овие калимеро тези за самосожалување за неправдите со кои се соочуваме“, вели Зеколи.

Попоски - Венизелос.

Попоски - Венизелос.

Факт е дека сега засега не постои друга препрека за македонските евроинтеграции освен политиката на Грција кон Македонија, вели професорот Никола Дујоски, но истовремено се сомнева дека Европската унија има некакво разбирање за домашните проблеми на Грција.

„Мислам дека посилен е фактот на политиката на консензус што ја имаат утврдено и којашто вели дека сите земји мораат да се согласат за едно прашање и тоа е повеќе во тежина отколку нивното разбирање за грчките проблеми“, изјави Дујоски.

Мислам дека посилен е фактот на политиката на консензус што ја имаат утврдено и којашто вели дека сите земји мораат да се согласат за едно прашање и тоа е повеќе во тежина отколку нивното разбирање за грчките проблеми.

Префрлањето на вината на другите е секогаш омилена спортска дисциплина на дипломатите и на политичарите, но реалноста зборува нешто друго, посочува Зеколи. Македонија во моментот е најнезастапената земја од регионот во ЕУ и НАТО, на маргините е во процесите на одлучување и договарање кои се одвиваат во европските институции, а има само протоколарни претставници во голем број институции во кој нашиот глас воопшто не се слуша, потенцира Зеколи.

„Затоа кога ги слушаме таквите изјави на политичарите мислам дека тоа се однесува можеби за некои надворешени консументи од меѓународните организации и странските амбасади за да се одржи некоја привидна нормалност и ефективна работа. Што се однесува до самата земја, освен еден грст провладини медиуми и тесен партиски круг на луѓе, веќе ни граѓаните во тоа не веруваат. Реалноста е толку горчлива што дури и зајакнатите дози на шеќер веќе немаат никаков ефект“, вели Зеколи.

И Дујоски се согласува дека Македонија има и други проблеми, а не само прашањето за името. Сепак се сомнева дека кој било друг проблем може да ги сопре преговорите кои евентуално би започнале, па оттука се согласува со изјавата на Попоски дека постојат правни и политички проблеми кои го блокираат нашето зачленување во ЕУ и НАТО.

„Секој политичар си носи одговорност за своите изјави и тие се следат во континуитет. Граѓаните имаат оформено слика и јас мислам дека мнозинството од нив разбираат дека ние имаме и многу други проблеми со коишто државата треба да се справи, со некои од нив можеби и веднаш, со некои пак во годините натаму“, вели Дујоски.

Зеколи пак потенцира дека дури и тогаш кога изјавите на политичарите, односно во конкретниот случај на министерот се засновани на реалност, тој е должен пред јавноста да ги пренесе и недостатоците со кои како земја и граѓани се соочуваме и како што вели допрва ќе ги почувствуваме по годинашниот дебакл на македонските евроинтеграции.

„Едната е тоа што сите земји-членки на ЕУ денес се преокупирани со нивните домашни проблеми бидејќи ЕУ е речиси насекаде притисната со економски потешкотии. Вториот фактор во овој правец е што од надвор не делува многу драматично тоа што Грција не блокира. Впрочем, Грција не блокира за отпочнување на преговори шест години, а во текот на тие шест години ние сме редовно помеѓу првите пет економии од аспект на раст или сме земја која остварила најмногу реформи за правење на бизнис според Светска банка. Што значи дека во нивните очи перцепцијата е дека тоа што Грција не блокира не е некоја драма“, смета Попоски во интервјуто за МИА.

Третиот фактор, кој исто така, придонесува во овој правец е, вели, тоа што Грција реално е во многу големи проблеми и сите земји-членки на ЕУ имаат или мало ниво на сочувство за тоа што се случува во Грција или се плашат дека таквата драматична ситуација во Грција може негативно да се одрази на целокупната економија на ЕУ.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG