Достапни линкови

МКЦ по четврти пат ќе го чествува Роденденот на уметноста


Со изложбата „Простор, Човек, Симбол“ на Александар Станковски, поетско-сценскиот перформанс „Песнило“ на кој ќе учествуваат повеќе од 20 млади македонски творци, 24-часовен филмски маратон, концерт на кој настапат пет исклучителни претставници на домашната независна сцена СИЗ, КННТ, АУТМАЈНД, СУСИЈАТ и ФАЈТИНГ ВИЛДМИЛС и ди-џеј сетови на Саша Павловиќ, Соња Исмаил и Шурбе(ира), оваа сабота, во Младинскиот културен центар во Скопје, по четврти пат, ќе биде одбележан 18 јануари – Светскиот „роденден на уметноста“.

Урбано Скопје оваа сабота, по едногодишна оддишка, по четврти пат ќе го одбележи 18 јануари – денот кој во глобални рамки се смета за Роденден на уметноста. Потписник на манифестацијата и овој пат е Младинскиот културен центар кој дефинитивно, не само што си го поврати приматот на субкултурен двигател, туку настојчиво се обидува и донекаде успева да им се спротивставина налетите на медиокритетството, кичот и шундот на ова наше парче од балканското турбо-буниште.

Започнуваме работно и сета година ќе продолжиме така и затоа што самиот иницијален чин е да се слави уметноста без да се помислува на оној неминовен финансиски аспект.

Случувањата е предвидено да стартуваат во Галеријата со отворањето на постановката „Простор, Човек, Симбол“, новата тематска изложба на македонскиот уметник Александар Станковски. Нешто потоа, во киното „Фросина“, ќе започне актуелното издание на поетско-сценскиот перформанс „Песнило“. На случувањето чија цел е на публиката да и се понуди една поинаква димензија на говорењето стихови, годинава предвидено е учество да земат повеќе од 20-на млади македонски творци меѓу кои Васко Маглешев, Цветанка Колева, Драгица Јорданоска, Андреј Ал-Асади, Ивана Стојковска, Игор Трпчески, Снежана Стојчевска, Ана Стојаноска, Митко Гогов, Перо Сарџоски и Слаѓана Шимрак, а модератор на настанот ќе биде поетот Иван Шопов.

Од друга страна, љубителите на свежиот или (ако сакате) поинаквиот звук и естетика со нагласена љубопитност ги очекуваат настапите на СИЗ, кои на овој перформанс ќе посегнат по песните од својот штотуку објавениот (патем одличен) албум „Ова не е шоу бизнис“, КННТ ( читај „Клуб на невоспитани трудници“ или Иван Трајчев и Марко Јанев) кои со објавата „Нежно“ ја распослаа „својата сирова естетика“, проверените АУТМАЈНД, СУСИЈАТ и конечно ФАЈТИНГ ВИЛДМИЛС и нивниот „еклектичен звук“.

Згора на тоа за музиката, длабоко во ноќта, со својот несекојдневен одбир ќе се погрижат селекторите Саша Павловиќ, Соња Исмаил и Шурбе(ира), а несомнено бележита посетеност треба да донесе и 24-часовниот филмски маратон што ќе се одржува во киното „Милениум“ и каде треба да се извртат делата кои ни го окупираа вниманието во деновите на пројавена глад за поинакво синеестичко живеење.

„Она што е значајно е што ги опфаќаме буквално сите сегменти и жанрови на уметноста, говорам за ликовната уметност, за музиката, говорам за филмот, за поезијата и она што притоа е посебно важно е што сево ова е со бесплатен влез за сите филмски проекции, за концертите, поетските читања и останатото. Зошто е сето ова така, затоа што сакаме на некој начин да кажеме „МКЦ 2015 – Добар ден!“ Започнуваме работно и сета година ќе продолжиме така и затоа што самиот иницијален чин е да се слави уметноста без да се помислува на оној неминовен финансиски аспект“, вели во пресрет на одржувањето на „Роденден“, Златко Стефковски, директор на МКЦ.

Тој, говорејќи за случувањето, појаснува дека оваа наша градска институција во 2010 година ја иницираше потребата од славење на 18 јануари, датумот кој се смета за „Денот кога е родена уметноста“. Потсетува на иницијацијата на францускиот уметник Роберт Филио кој во 1963 година симболично го одредил и датумот, за да по скоро пет децении манифестации по светот, конечно и нашава земја стане дел од големото планетарно семејство вклучено во чествувањето на Роденденот на уметноста.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG