Достапни линкови

„Идеален“ закон со многу нелогичности


Законот за високо образование чека усвојување и покрај нелогичните и збунувачки делови. Но за владејачкото мнозинство ова е идеален закон, а од СДСМ, не сакаат да коментираат делови од законот, оти како што велат, целиот предлог бил нелогичен.

Превисоки плати за членовите на Одборот за акредитација и евалуација, кои ќе изнесуваат околу 160.000 денари месечно, не докрај прецизни и збунувачки услови за полагање на државен испит и неколку други нелогичности се истакнуваат откако предлог-законот за изменување и дополнување на законот за високо образование во петокот во три часот по полноќ го помина второто читање во матичната комисија, а веќе в среда е ставен и на пленарна седница, како 34 точка.

Генерално сум против тоа некое надворешно тело да утврдува испитни прашања, да спроведува испити.

Имено предлогот предвидува нето платата на членот на Одборот кој ја врши функцијата професионално да изнесува седум и половина просечни нето плати исплатени во Македонија во минатата година. Високата плата според Павле Трајанов, пратеник од Демократскиот сојуз, партија што е дел од владината коалиција, не мора да значи независност на членовите на одборот.

„Генерално сум против тоа некое надворешно тело да утврдува испитни прашања, да спроведува испити, така да ушто и да стои таму, сметам дека власта ќе има влијание на тоа тело“, смета Трајанов.

Мислам дека се дојде до една идеална работа, да речам, идеални работи нема, ама до еден идеален закон.

Според пратеникот од ДУИ, Рамиз Мерко, пак по како што вели долгата расправа од три месеци се вградиле сите работи кои требало да ги има законот и да ги носи реформата.

„Мислам дека се дојде до една идеална работа, да речам, идеални работи нема, ама до еден идеален закон. Јас мислам дека платите не се преголеми. Ако законот добро се имплементира, мислам дека релевантни се платите кои ќе ги примаат тие лица кои ќе бидат вработени во тие структури“, вели Мерко.

Како што е, треба да биде награда за оние коишто јавно се бламираат поддржувајќи ги ваквите решенија со кои реално се укинува автономијата на Универзитетот.

Портапаролот на СДСМ Петре Шилегов, пак, вели дека не сакаат да коментираат делови од законот, оти како што додава целиот предлог бил нелогичен. Но сепак смета дека висината на платата предвидена за членовите на одборот има друга цел.

„Како што е, треба да биде награда за оние коишто јавно се бламираат поддржувајќи ги ваквите решенија со кои реално се укинува автономијата на Универзитетот“, вели Шилегов.

За државниот испит пак, во предлогот се предвидува тој да се смета за положен ако студентот за 20 проценит од предметите постигнал најмалку 30 отсто од бодовите од секој предмет поединечно, но вкупниот збир на бодовите да не биде помалку од 60 проценти од вкупниот број на бодови за сите предмети.

Ваквата формулација за многумина е збунувачка.

„Во најмала рака целото решение е контраверзно, не е резултат на некои поцелосни аналитички согледувања, истражувања, компаративни искуства и мислам дека ќе создаде проблеми“, вели Трајанов.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG