Достапни линкови

Прва жена претседател на Хрватска


Колинда Грабар Китаровиќ, конзервативен популист, победи на вчерашниот втор круг од изборите за претседател на Хрватска. Таа освои 21 илјада гласови повеќе од сегашниот шеф на државата Иво Јосиповиќ.

Ќе работам за Хрватска и нема да дозволам некој да вели дека Хрватска не е просперитетна земја, изјави Китаровиќ во говорот по изборната победа.

Ќе ги решаваме отворените прашања со нашите соседи и ги повикувам на дијалог и да престанеме овие прашања да ги криеме под килим.

Претседателската функција во Хрватска е главно церемонијална.

Сепак, аналитичарите на нејзината победа гледаат како на барометар за расположението на граѓаните пред парламентарните избори што треба да се одржат годинава.

Имено, победата на 46-годишната Китаровиќ и покрај наредните неколку месеци на кохабитација со социјалдемократската влада многу ги зголеми шансите на нејзината опозициска Хрватска демократска заедница да се врати на власт.

Србија е наша соседна и пријателска држава. Но, таа треба да исполни неколку услови што ги имавме и за нашиот влез во Унијата.

„Ќе ги решаваме отворените прашања со нашите соседи и ги повикувам на дијалог и да престанеме овие прашања да ги криеме под килим“, изјави Китаровиќ, додавајќи дека ќе се бори за унапредување на првата на малцинствата, но оти нема ништо помалку да бара и за Хрватите во Србија, Војводина и другите соседни земји.

Во Хрватска претседателот не може да става вето на законите, но има влијание врз надворешната политика и одбраната.

Хрватска и се приклучи на Европската унија во 2013 година, но нејзината економија останува една од најслабите во Унијата со невработеност од скоро 20 отсто и со предвиден раст за годинава од само 0,5 проценти.

Китаровиќ оцени дека нејзиниот претходник Јосиповиќ не сторил ништо за да го запре економскиот пад на земјата.

Јосиповиќ кој се кандидира и за вториот петгодишен мандат со поддршка на социјалдемократите и кој победи на првиот круг одржан на 28 минатиот месец изјави дека немал мандат да се меша во владината економска политика.

Китаровиќ исто така го критикуваше Јосиповиќ и за тоа дека бил премногу попустлив спрема Србите и оти членството на Србија во Европската унија мора да биде условено од Хрватска.

„Србија е наша соседна и пријателска држава. Но, таа треба да исполни неколку услови што ги имавме и за нашиот влез во Унијата“, рече Колинда Грабар Китаровиќ, која претходно беше шефица на хрватска дипломатија, амбасадор во Вашингтон и помошник на генералниот секретар на НАТО.

Функцијата ја презема на 16 февруари, а пред тоа треба да се откаже од членството во ХДЗ. Таа е прва претседателка во историјата на Хрватска, но и прва од ХДЗ по 15 години, односно по Фрањо Туѓман.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG