Достапни линкови

logo-print

Шарли Ебдо ќе живее


Новинари и граѓани во Македонија маршираа во чест на жртвите во Париз. Истовремено марш се одржа и во Франција, како и во други европски метрополи. Учесниците порачаа дека Шарли Ебдо ќе живее.

Неколку десетици новинари и граѓани маршираа во Скопје со наострени моливи во рацете во чест на убиените новинари и другите жртви од масакрот кој се случи во работните простории на сатиричниот магазин Шарли Ебдо, на 7 јануари. Маршот, кој го организираше Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници, започна од Паркот на новинарите и заврши пред Францускиот културен центар каде новинарите, граѓаните се потпишаа во книгата на жалост, изразувајќи ја својата поддршка за магазинот.

Добивме покана од нашите колеги, од синдикалците од меѓународните организации да присуствуваме на маршот во Париз, меѓутоа сплотеноста, хуманоста, солидарноста и пркоста против овој терористички чин, мислиме дека треба да ја покажеме овде од Скопје.

Потпретседателот на Синдикатот на новинарите, Драган Антоновски, на собирот рече дека лесно е денеска да се биде во Париз, но тие сметале дека поддршка на колегите треба да им се даде и од Скопје.

„Добивме покана од нашите колеги, од синдикалците од меѓународните организации да присуствуваме на маршот во Париз, меѓутоа сплотеноста, хуманоста, солидарноста и пркоста против овој терористички чин, мислиме дека треба да ја покажеме овде од Скопје“, соопшти Антоновски.

Тој прочита писмо испратено од колегите во Франција до новинарскиот синдикат во Македонија. Ова е дел од напишаното:

„Овој одвратен напад имаше за цел да ја уништи целата редакција на овој неделник и да ги замолчи нивните новинари. Не успеаја! И покрај шокот што ја погоди целата професија и граѓаните на земјата, денеска можеме да кажеме дека Шарли Ебдо ќе живее. Веќе следната среда специјалниот број на Шарли Ебдо ќе биде издаден во еден милион примероци, направен од страна на членовите на редакцијата кои им избегаа на куршумите на убијците“, се вели во писмото.

Во меѓувреме повеќе од еден ипол милиони луѓе излегоа на улиците во Париз, учествувајќи на маршот во чест на жртвите на смртоносните терористички напади, соопштија организаторите. Маршот за единство започна на Плоштадот на Републиката во центарот на главниот град и беше предводен од роднините на жртвите од сатиричниот неделник Шарли Ебдо, жената полицаец и еврејскиот супермаркет.

На него присуствуваа и десетици светски лидери, заедно со претседателот на Франција, Франсоа Оланд, меѓу кои британскиот премиер Дејвид Камерон, германската канцеларка, Ангела Меркел, италијанскиот премиер Матео Рензи, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, палестинскиот претседател Махмуд Абас и други.

Во Париз беа распоредени илјадници војници и полицајци за да ја гарантираат безбедноста на луѓето кои се движеа кон Плоштадот на нацијата. Францускиот премиер, Мануел Валс, изјави дека по нападите, луѓето ја изразуваат својата љубов кон слободата и кон братството.

Исто така десетици илјади луѓе денеска присуствуваа на собири низ повеќе европски градови пеејќи ја химната на Франција и држејќи пенкала во рацете во знак на солидарност со земјата. Дваесет илјади луѓе се собраа во белгискиот главен град Брисел, држејќи транспаренти на кои пишуваше „Обединети против омразата“ и „Слобода на говор“. Во Берлин излегоа 9 илјади граѓани, додека стотици беа на улиците на Мадрид со француски знамиња во рацете, пеејќи ја Марсељезата. Во Стокхолм 3 илјади луѓе високо ги кренаа пенкалата во своите раце.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG