Достапни линкови

Уставните измени добија поддршка од матичната комисија


Сите осум уставни измени денеска беа изгласани од членовите на собраниската комисија за уставни прашања.

Сите осум уставни измени денеска беа изгласани од членовите на собраниската комисија за уставни прашања. Најголема дебата предизвикаа амандманите 33 со кој бракот се дефинира како животна заедница исклучиво меѓу маж и жена и 34 којшто се однесува на основање меѓународни финансиски зони чие работење и организација ќе се доуреди со закон.

Се однесувате вие од владата и од парламентарното мнозинство како хомосексуалцитеда чекаат ред пред државните институции за да склучат брак, и ова ве натерало итно да уредите прашање кое што не е битно.

Пратеникот на Демократската партија на Албанците, Имер Алиу уште еднаш го повтори ставот на неговата партија дека нема да ги поддржат уставните измени, обвинувајќи ја Владата за нетактичност и немање чувство за она што е приоритет.

„Се однесувате вие од владата и од парламентарното мнозинство како хомосексуалцитеда чекаат ред пред државните институции за да склучат брак, и ова ве натерало итно да уредите прашање кое што не е битно. Знаете кој чека пред институциите? Ред чекаат невработените, социјалните случаи, во ред чекаат тие што имаат маки“, изјави Алиу.

Пратеникот Ромео Тренев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека оваа уставна измена е добра затоа што според него, истата ја поддржува мнозинството граѓани. Таа, рече Тренев, не била насочена против никого, а нејзината цел била афирмација на традиционалните вредности.

Прво ќе значи вработеност на високо-образован кадар, повеќе млади високо-стручни кадри да останат во Македонија, ќе значи подобрување на целокупниот имиџ на државата.

„Малку сум уверен во тоа, сум контактирал со граѓаните и ние како претставници на граѓаните сме избрани треба нивните ставови да ги преточиме во одредени уставни и законски решенија.“

Амандаманот кој во јавноста предизвика бројни критики, а се однесува на основање меѓународни финансиски зони, денеска доби зелено светло и од пратеникот Павле Трајанов кој првично го нарече најспорен и укажувајќи на опасноста дека Владата не ќе има можност да контролира што се случува во тие зони. Денеска Трајанов ја поддржа оваа уставна измена, зошто како што рече ќе постои закон со кој е се уредуваат нејаснотиите.

„Добро е што е коригиран. Основната функција за привлекување на странски и наши компании ќе биде отворена.“

Обидувајќи се да ги пренесе позитивните искуства од ваквите финансиски зони во Лондон и во Даблин, пратеникот Александар Николовски се обиде да објасни зошто е добра оваа уставна измена и кои ќе бидат придобивките од неа.

„Прво ќе значи вработеност на високо-образован кадар, повеќе млади високо-стручни кадри да останат во Македонија, ќе значи подобрување на целокупниот имиџ на државата.“

Поддржани беа и уставните амандмани кои се однесуваат на преименување на Народната Банка, на избор на главниот ревизор од страна на Собранието, потоа на ограничувањето на буџетскиот дефицит до 3 отсто и јавниот долг не повеќе од 60 отсто. Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека ова решение е добро затоа што тоа ќе ја стабилизира економијата.

Позитивно беше оценета и уставната измена со која се предвидува Судскиот совет да брои 15 члена, а во него да не членуваат министерот за правда и претседателот на Врховниот суд. Потоа воведувањето на институтот уставна тужба поднесено од физичко или правно лице, како и амандманот со кој се предлага со закон да се регулира начинот на работа и постапка пред Уставниот суд. Токму потребното мнозинство на гласови со кој ќе се донесе законот ги скара пратениците Имер Алиу од ДПА и Рафиз Алити од ДУИ. На предлог на Алиу, Алити предложи законот покрај со двотретинско мнозинство да се гласа и со Бадентерово мнозинство, но откако тоа не беше прифатено од овластениот претставник на министерството за правда, Алиу реагираше.

„Услови ги дека нема да ги изгласаш уставните измени доколку не се предвиди гласање со двојно мнозинство, тоа е минимумот што можеш да го направиш и сè ќе се заврши“, рече Алиу.

Иако членовите на комисијата постојано нагласуваа дека забелешките на Венецијанската комисија за сите предложени измени биле прифатени, не беше спомнато дека токму таа комисија укажа на тоа дека носењето на измени на највисокиот правен акт во државата, во отсуство на опозицијата не е добро.

Бројни забелешки имаше и од претставници на невладиниот сектор и од експертската јавност.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG