Достапни линкови

Владата сака да ѕирка во банкарските сметки на граѓаните


Илустрација.

Илустрација.

Власта вели дека со увидот во банкарските сметки ќе може да извршат проверка на податоците кои ги поднесуваат граѓаните за остварување на одредени права.

Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување и Фондот за здравственото осигурување да имаат увид во сметките на граѓаните, се предвидува во предлог законот за изменување и дополнување на Законот за банки, кој в понеделник е на прво читање на собраниската комисија за финансирање и буџет.

Сметам дека ќе претставува злоупотреба на приватноста на граѓаните затоа што овде станува збор за управна постапка.

Според предлагачот, Владата, основна цел е да им се овозможи на овие три институции, преку пристапот до податоците со кои се стекнале банките при вршење на банкарски и други финансиски активности, да извршат проверка на податоците кои ги поднесуваат барателите – физички лица, за остварување на одредени права во постапка пред овие институции. За ова банките ќе треба да склучат меморандум за соработка со министерството, агенцијата и фондот.

Мене ми е проблем што вака широко даденото право постои голема можност да се злоупотребува.

Професор Осман Кадриу посочува дека досега со закон можеше да се има увид во сметките на граѓаните ако тие имаат сторено кривични или противправни дела, а со овие измени тоа ќе биде дозволено и за луѓе кои бараат социјални права, а чиј број не е мал.

„Сметам дека ќе претставува злоупотреба на приватноста на граѓаните затоа што овде станува збор за управна постапка, а во управна постапка државните органи секогаш се раководат по едно начело, а тоа начелото на дискреционото право, односно тие кога ќе сметаат за потребно да може да извршат увид во конкретниот случај, а тоа кога тие ќе сметаат за потребно често пати може да премине во злоупотреба“, вели Кадриу.

Според Маргарита Цаца Николовска од Институтот за човекови права, постојат други начини со кои на овие луѓе може да им се провери имотната состојба без да се навлегува во нивната приватност. Вака, како што е наведено во предлогот, даден е многу широк дијапазон на секого да врши проверка додава таа.

„Зарем за социјална помош може да биде таква ситуацијата да странката не може да докаже дека има потреба од социјална помош за да мора и банката да се инволвира и да кажува кои се податоците во врска со ова лице. Хипотетички зборувам, ако барате социјална помош, треба да доставите доказ дека во ниедна банка немате штедни влогови и завршена е работата. Мене ми е проблем што вака широко даденото право постои голема можност да се злоупотребува“, вели Цаца Николовска.

Инаку, според досегашниот Закон за банки, документите, податоците и информациите кои се стекнати при вршење на банкарски и други активности за поединечни лица се банкарска тајна која банката мора да ја чува и заштити.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG