Достапни линкови

Комисиска расправа за предлог-амандманите на Уставот


Собраниската Комисија за уставни прашања денеска ќе ги разгледува предлозите на осумте амандмани на Уставот за кои Собранието треба да се изјасни на седница закажана за 20 јануари.

Предложен е уставен амандман со кој бракот се дефинира како животна заедница исклучиво меѓу само една жена и еден маж.

Меѓу најинтересните за јавноста е уставниот амандман што се однесува на основање меѓународни финансиски зони чие работење и организација, како што се предлага, ќе се доуреди со закон.

Во еден од амандманите предвидено е Владата да ја утврдува фискалната политика во Република Македонија во рамки на утврдени фискални правила и тоа дефицитот на буџетот да не смее да надмине три насто од БДП, а јавнот долг да не смее да надмине ниво од 60 насто од БДП. Во овој амандман се предвидува Владата на Република Македонија да може само во исклучителни ситуации да отстапи од утврдените фискални правила и тоа во случај на природни катастрофи и екстерни шокови кои влијаат врз загрозување на националната безбедност, здравјето на луѓето или во случај на значителен пад на реалниот БДП.

Со предлог амандманите се предвидува преименување на Народната банка на Македонија во Банка на Република Македонија, Собранието да го избира и разрешува главниот ревизор, Судскиот совет да го сочинуваат 15 члена, за одлучување по уставна тужба поднесена од физичко или правно лице, како и дека начинот на работа и постапката пред Уставниот суд се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство.

Последната верзија на предлог-амандманите Владата ја достави до Собранието на крајот на декември 2014 година. Предложени се осум амандмани на Уставот по постапката која започна минатата година и опфаќаше неколку фази.

XS
SM
MD
LG