Достапни линкови

Младите бараат запирање на иселувањето од дебарско


Младите, организирани во локалниот младински совет на Дебар, бараат локалните власти да преземат конкретни мерки за подобар живот на младите и нивно вработување.

Во Општината Дебар продолжува масовната миграција на населението, особено на младите. Тие, пак, без разлика на нивната партиска определба сметаат дека институциите треба да сторат сè миграцијата на младите да се сопре. Младите, организирани во локалниот младински совет на Дебар, бараат локалните власти да преземат конкретни мерки за подобар живот на младите и нивно вработување по завршувањето на школувањето. Со мерките треба да се запре процесот на миграција и тие да не се иселуваат масовно, како во САД, така и во западноевропските држави.

Ќе се потрудиме нашиот глас да допре повеќе до Советот на Општина Дебар и до градоначалникот, за миграцијата да биде искоренета.

Алмедин Шаиновски од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ во Дебар, кој е мошне активен и во младинскиот совет, смета дека, како во градот, така и во селата, треба да се инвестира повеќе за да се подбори живот на младите и тие да остануваат во родниот крај.

Основна цел е младите овде да се вработуваат, да се отвораат работни места, така што нормално само така се стопира миграцијата. Во некои дебарски села над 80 отсто од младите се иселени.

„Ние како младински локален совет на Општина Дебар и јас како претставник на Унијата на младите на ВМРО-ДПМНЕ нагласено ќе го поттикнеме прашањето да престане иселувањето на младите од Дебар и од дебарските села. Ќе бараме да се подобри инфраструктурата во интерес на младите. Градење на спортски игралишта, не само во градот, туку и во селата, особено во најголемото дебарско село Могорче, но и во другите села како што се Горно Косоврасти и други. Ќе се потрудиме нашиот глас да допре повеќе до Советот на Општина Дебар и до градоначалникот, за миграцијата да биде искоренета“, вели Шаиновски.

И претставникот од невладиниот сектор во Дебар, Милан Димитриевски, оценува дека миграцијата има застрашувачки димензии, поради што се неопходни општествени мерки на надлежните за да се стопира оваа појава.

„Ние бараме од Советот на Општината и градоначалникот, но и од другите локални и централни институции да преземаат мерки да се намали миграцијата на младите. Голем е бројот на младите кои се иселени, но и оние кои се иселуваат и ја напуштаат општината“, додава Димитриевски.

Младите од СДСМ во Дебар се согласни со своите врсници без разлика на нивните партиски или други определби, дека миграцијата треба да се стопира. Ведат Мустафовски вели дека во некои од дебарските села миграцијата на младите е над 80 отсто.

„Бараме од општинските фактори да преземат мерки да престане иселувањето кое е секојдневно. Младите треба да си останат во својот род, на своите огништа. Основна цел е младите овде да се вработуваат, да се отвораат работни места, така што нормално само така се стопира миграцијата. Во некои дебарски села над 80 отсто од младите се иселени и се надвор од границите на Македонија.

Последните две декади од Општина Дебар се иселени или се на печалба во САД и во европските држави над 4 илјади млади, а голем број на младите од оваа неразвиена општина се иселуваат и во други градови во земјата, претежно во Скопје, каде што полесно доаѓаат до вработување.

  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG