Достапни линкови

Подвоеност речиси за сите општествени теми


Резултатите од анкетите поставени на страницата на Радио Слободна Европа, покажуваат голема подвоеност меѓу граѓаните, за прашања врзани за медиумите, животниот стандард, политиката... Но многумина од нив сепак се изјасниле дека се против истополови бракови.

Од седумнаесетте анкети кои минатата година беа поставени на страницата на Радио Слободна Европа има некои со специфични резултати кои покажуваат силна подвоеност во мислењата на нашите читатели. Па така на пример на прашањето кој има повеќе медиуми под контрола во Македонија поставено на 20 октомври, 2014, од 1014 луѓе што гласале дури 80,9 се изјасниле дека тоа е власта, а 13,8 опозицијата.

Македонското општество е длабоко традиционално без разлика дали некој припаѓа на една или на друга опција, тоа повеќе говори дека за многу прашања и она што е позиција, и опозиција, дали се леви или десни, тие многу не се разликуваат.

Слична е и високата подвоеност за прашањето дали животниот стандард во Македонија се подобрува. Во септември читателите со 84,1 отсто гласале „не“, а 12,4 „да“. Резултатите од овие две анкети кои не се научно и методолошки изведени, туку само се одраз на мислењето на читателите, покажуваат дека тие претежно критички ја опсервираат власта. Но без разлика на таквите ставови сепак тие веднаш ја отфрлија можноста за каков било компромис меѓу Никола Груевски и Зоран Заев, па летово на прашањето дали е тој можен со „не“ одговорија 75,8 отсто, а 17, 3 со „да“.

Во општества како македонското кое не е доволно демократски развиено врз мислењето на граѓаните многу големо влијание има моменталната атмосфера, вели социологот Илија Ацески.

„Во поголемите демократии не е така, луѓето имаат релативно формирана една матрица на мислење којашто потешко се менува, дури и при драматични промени, таму тоа повеќе се доживува како нешто кое се случило инцидентно, отколку како во нашите услови дека нешто драматично се променило и веднаш делува врз нашиот став за одредено прашање“, вели Ацески.

Речиси изедначени беа пак мислењата дали е добра одлуката на СДСМ да го напушти парламентот, па од 2526 гласа со „да“ одговорија 49,2, а со „не“ 46,1 процент. Според Ацевски без разлика на критичкото опсервирање на власта граѓаните имаат политичка зрелост да проценат одредени потези. Помалку заинтересирани читателите беа да гласаат за прашањето за кој кандидат ќе гласаат на претседателските и парламентарните избори што се одржаа во април, па на него одговориле само неколку стотици. Но повеќе од 2.500 читатели гласале на прашањето - Дали во Македонија треба да се дозволат истополови бракови и дури 73,7 одговориле со „не“. За разлика од другите прашања на кои читателите покажуваат дека се против некои политики на владата, за ова всушност се покажува дека ја поддржуваат.

„Македонското општество е длабоко традиционално без разлика дали некој припаѓа на една или на друга опција, тоа повеќе говори дека за многу прашања и она што е позиција, и опозиција, дали се леви или десни, тие многу не се разликуваат“, вели Ацевски.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG