Достапни линкови

Повеќе луѓе и пари за борба против корупцијата


Потребен е системски пристап, поголема политичка заложба и овозможување институциите за борба против корупцијата да си го добијат потребниот финансиски и кадровски потенцијал за да може да си ја вршат работата, велат упатените.

Борбата против корупцијата почнува во моментот кога ќе се признае дека ја има во нашата земја, велат упатените во оваа област. Оценувајќи дека секогаш е можно да се направи повеќе и да се очекуваат поголеми резултати во оваа област, од Центарот за граѓански комуникации велат дека е потребен системски пристап и тука да се вклучат сите општествени чинители, но и поголема политичка заложба од политичките субјекти.

Мислам дека најголемата слабост на комисијата е слабите човечки ресурси и финансиски потенцијал и тука би требало многу повеќе да се работи.
Герман Филков, претседател на Центарот за граѓански комуникации.

​„И конечно оние неколку најбитни институции за борба против корупцијата да си го добијат потребниот финансиски и кадровски потенцијал. Само како илустрација би спомнал дека Државната комисија за спречување на корупцијата ако според систематизацијата треба да има 45 вработени. таа има некаде околу 20. Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција ако треба да има 16, има 6. Државниот завод за ревизија ако треба да има 282 има 89 вработени, Финансиска инспекција во јавен сектор треба да има 17, а има нула и Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, којашто треба да има 42, а има 15 вработени“, изјави Герман Филков, претседател на Центарот за граѓански комуникации.

Случаи има, има и конкретни случаи, по шест, по седум секоја година, меѓутоа повратни ефекти апсолутно од ниеден. Надлежноста на комисијата завршува кога случајот ќе се процесира до обвинителството. Понатаму сè зависи од обвинителството и од судовите.
Ариф Муса, поранешен антикорупционер.

Анализирајќи ги состојбите во последните неколку години, поранешниот антикорупционер Ариф Муса вели дека корупцијата останува сериозен проблем дома. Помпезните изјави на властите дека прават сè во насока на сузбивање на оваа појава не соодветствуваат на постигнатите ефекти, вели Муса.

„Само еден пример од еден случај од 2004 година за набавка на тенковски делови се фалат почнувајќи од Државната комисија за спречување на корупцијата, од Агенцијата за спречување перење пари, од обвинителство, сите се фалат за еден таков случај дека имал епилог и дека еден случај е завршен до крај“, вели Муса.

Потребна е поголема ангажираност на соодветните институции, сугерираат експертите, истакнувајќи дека не е доволно само отворање на случаи, кога повеќето од нив немаат конкретен епилог. Во таа насока, Филков вели дека Антикорупциската комисија за борба против корупцијата треба да работи на зајакнување на својата независност.

„Мислам дека најголемата слабост на комисијата е слабите човечки ресурси и финансиски потенцијал и тука би требало многу повеќе да се работи“, вели Филков.

За разлика од оние кои сметаат дека работењето на овој орган го препознаваат како пасивно, селективно или под контрола на извршната власт, Муса смета дека нејзините ингеренции не ѝ дозволуваат да направи нешто повеќе во борбата против корупцијата.

„Случаи има, има и конкретни случаи, по шест, по седум секоја година, меѓутоа повратни ефекти апсолутно од ниеден. Надлежноста на комисијата завршува кога случајот ќе се процесира до обвинителството. Понатаму сè зависи од обвинителството и од судовите“, вели Муса.

Иако во последниот извештај за индексот на перцепција на Транспаренси интернејшнал, Македонија бележи благ напредок во однос на позицијата на ранг листата од лани и се наоѓа на 64 место, од Транспарентност Македонија оценија дека постои сериозен застој во подобрувањето на состојбите во оваа сфера и дека активностите кои ги преземаат властите се недоволни, а институциите недоволно ефикасни во справувањето со корупцијата. Додаваат дека има сериозни недостатоци во владеењето со правото што, пак, создава недоверба кај граѓаните во судството и собранието, како институции кои треба да го заштитат јавниот интерес.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG