Достапни линкови

logo-print

Судии со интегритет за независно судство


Илустрација.

Илустрација.

Самите судии треба поцврсто да застанат врз своите одлуки кои ќе ги носат врз основа на законите, велат упатените.

Зависноста на судството од политичките структури е голема болка за македонското општество, кое може да се излечи само доколку се смени матрицата на судиите, велат аналитичари и луѓето од оваа област. Тие порачуваат дека е потребно да се промени матрицата на размислувањето на самите судии, затоа што ниту една власт не е вечна. Според нив, самите судии треба поцврсто да застанат врз своите одлуки кои ќе ги носат врз основа на законите, уставот и меѓународните конвенции.

Покрај сите оние укажувања дека во судството се врши и е изложено на силни притисоци, очигледно судиите не смогнуваат сили да се спротивстават на таквите притисоци.

Пензионираниот врховен судија, Агим Мифтари, вели дека е очигледно оти судиите се под голем политички и партиски притисок и дека тоа резултира со одлуки за кои е дискутабилно дали се во согласност со правото.

„Покрај сите оние укажувања дека во судството се врши и е изложено на силни притисоци, очигледно судиите не смогнуваат сили да се спротивстават на таквите притисоци. Очигледни се примерите во врска со одлуките на Европскиот суд за човекови права, кај притворите и кај вербалниот деликт, односно навредата и клеветата кои сега се во граѓанската материја, меѓутоа нашите, македонските одлуки, односно одлуките на македонските судии не содејствуваат со праксата на Европскиот суд“, вели Мифтари.

Потребни се порадикални зафати и владеење воопшто на принципот на правото, бидејќи засега тој принцип не е во примена, демократскиот процес е мислена именка во Македонија воопшто, нарушени се темелните принципи на Уставот.

Тој објаснува дека без разлика што се вршат толку обуки и семинари, очигледно е дека влијанието на политиката е поголемо отколку примената на законите врз чија основа тие треба да донесуваат одлуки.

Поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски смета дека судството е толку длабоко завлезено во политичката каша што за спас му се потребни радикални измени.

„Потребни се порадикални зафати и владеење воопшто на принципот на правото, бидејќи засега тој принцип не е во примена, демократскиот процес е мислена именка во Македонија воопшто, нарушени се темелните принципи на Уставот“, вели тој.

Штом темелните принципи на Уставот не се применуваат во практиката, тогаш не може да очекуваме дека во земјава ќе функционира независно судство, вели Ивановски. Но, за да се ослободи судството од политичките канџи, потребни се целосни промени, како во судскиот така и во политичкиот систем, објаснува тој.

„Без поголеми промени во политичкиот систем мислам дека судиите и колку да сакаат да избегаат од канџите на политиката, таква е состојбата, таков е составот, таква е климата и тоа тешко би го постигнале. За жал, целата моја фела во којашто бев е во таква состојба што излезот не може да го постигне во дадените услови на конкретно остварување на политичкиот систем на Република Македонија“, вели Ивановски.

Мифтари е скептичен кога станува збор за промени во судството.

„Лично не очекувам доколку не се промени нешто во матрицата на размислувањето на самите судии, дека ќе мора поцврсто да застанат во одбрана на своите одлуки кои ќе ги носат исклучиво врз основа на Уставот, законите и меѓународните конвенции. Сè додека не ги применуваат доследно и сè додека не се применува праксата на Европскиот суд, тешко ќе може нешто да се промени“, вели Мифтари.

Ивановски, пак, е оптимист. Се надева дека годинава судиите ќе посакаат да најдат лек за состојбата.

„Оптимист сум дека би настанале такви соодветни промени и дека може да се остварат желбите, а желбите се за владеење на правото, за оздравување на државата или да почне да се лекува државата, оти таа е сериозно, тешко болна“, вели Ивановски.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG