Достапни линкови

Студентите ја враќаат надежта во Македонија


Илустрација: Студентски протест

Илустрација: Студентски протест

Студентските маршови и протестите родија огромна надеж кај младите дека може да направат промени во општеството, велат активисти на Студентскиот пленум.

Слабиот квалитет во образованието е само еден проблем, кој во комбинација со нискиот животен стандард и тешкиот пат до работно место, сè почесто ги тера младите да размислуваат да заминат од Македонија. На еден од студентските протести пред Владата во Скопје разговаравме со неколку активисти од Студентскиот пленум за нивните верувања за тоа кои се најголемите проблеми со кои во моментов се соочува нивната генерација.

Денеска младите се соочуваат со посериозни проблеми кои не се секогаш поврзани само со факултетите, туку тргнуваме општо од самата култура, од ампутираниот дух којшто денеска го имаме во однос на тоа дека многу е потешко да бидеш студент и индивидуа, а притоа да не бидеш обележан поради своите ставови.

До неодамна постоеше проблемот што младите беа сметани за пасивни, велат пленумци, додавајќи дека маршовите ги предизвикале сите студентите од Македонија да помислат на тоа дека вистинската моќ лежи кај нив, дека имаат што да му понудат на овој свет, право да кажат што им пречи и кои се работите што треба да бидат покренати за нивна корист. Еве дел од нивните размислувања.

Младите најчесто се присилувани да се зачленуваат во одредени политички партии, за подоцна да може да се вработат на одредено место. Без тоа шансите да се вработиш се доста мали.

„Денеска младите се соочуваат со посериозни проблеми кои не се секогаш поврзани само со факултетите, туку тргнуваме општо од самата култура, од ампутираниот дух којшто денеска го имаме во однос на тоа дека многу е потешко да бидеш студент и индивидуа, а притоа да не бидеш обележан поради своите ставови. Студентот денес се соочува со најминорни проблеми, како немање бесплатен јавен превоз, до катастрофални и мизерни услови во студентските домови, навлегување во автономијата на универзитетите, немање стручни книги. Спектарот е голем, меѓутоа желбата кај самите студенти денеска докажува дека сакаат нешто да променат и имаат желба да бидат дел од самата промена.“

„Огромен проблем е економската состојба. Ние имаме 50 проценти младинска невработеност, младите кои ќе завршат факултет не можат да се вработат и тука постои проблемот на политиката. Младите најчесто се присилувани да се зачленуваат во одредени политички партии, за подоцна да може да се вработат на одредено место. Без тоа шансите да се вработиш се доста мали. Исто така постои моментот каде што младите се разочарани од својата земја и многу од нив сакаат да се иселат. Јас верувам дека повеќето млади не сакаат да се иселат од ја напуштат земјата ако тука им е убаво, но младите немаат место каде што можат да работат, политиката се меша во секоја сфера и поради тоа младите не се задоволни од нашата земја.“

„Најголемиот проблем поврзан со младите во Македонија е нивното иселување, кое е сè поголемо и поголемо и сè повеќе млади поради ваквите проблеми не се гледаат во државата. Иселувањето, невработеноста, лошо образование, а под лошо образование не мислам само високото, туку и на основно и средно“, велат студентите со кои разговаравме.

Активистите од Студентскиот пленум посочуваат дека студентските маршови и протестите се огромна работа, не само поради тоа што многу луѓе излегоа на улиците, туку, како што велат, и поради тоа што се роди огромна надеж кај младите дека може да направат промени во општеството. Минато е верувањето дека власта е преголема и дека не можеме ништо да промениме, а со последните случувања се докажува дека сме доволно сложни и силни и можеме да се избориме за нашите права, велат младите.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG