Достапни линкови

Адеми: Прифатлив предлогот за студиските програми на Штуловиот универзитет


Архивска фотографија: Заменик министерот Спиро Ристовски и министерот за образование Абдулаќим Адеми.

Архивска фотографија: Заменик министерот Спиро Ристовски и министерот за образование Абдулаќим Адеми.

За Министерството за образование и наука е прифатлив предлогот на Универзитетот на Југоисточна Европа, македонските универзитети да работат според студиски програми на најдобро рангираните универзитети во Европа и САД.

Министерот Абдилаќим Адеми во изјава за МИА посочи дека предлогот ќе го подобри квалитетот на високото образование и ќе ја зголеми мобилноста на наставниот кадар и на студентите. Конечниот одговор, посочи Адеми, МОН ќе го даде при разгледување на измените на Законот за високо образование, кој е во второ читање во Собранието.

„Тој предлог го разгледавме и делува како прифатлив затоа што сметаме дека преку тоа може да се зголеми квалитетот на високото образование во Македонија, но исто така и на универзитетите ќе им овозможи да се зголеми мобилноста на студентите и на професорите“, изјави Адеми.

Според него, тоа исто така ќе овозможи универзитетите полесно да стигнат до потпишување на меѓународни договори со најдобрите универзитети во светот, како и подобро искористување на европските средства од програмите Еразмус и Хоризонт 2020, за кои, рече, се меѓу механизмите и алатките за подигнување на квалитетот и мобилноста на македонските универзитети и нивната соработка со универзитети во регионот. Една од целите, посочи министерот Адеми, е усогласување на стандардите за реципрочно признавање на дипломите.

Предлогот на Штуловиот универзитет го поддржа и деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство - ФИНКИ, Димитар Трајанов.

XS
SM
MD
LG