Достапни линкови

Двајца албански морнари загинаа при спасувањето на запалениот ферибот


Двајца албански морнари, кои беа на палубата на еден брод-влекач, загинаа во несреќен случај за време на операцијата за спасување на патниците од запалениот ферибот „Норман Атлантик“, јавуваат италијанските медиуми. Морнарите настрадале кога кабелот со кој биле поврзани два брода во спасувачката мисија, ненадејно пукнал и при тоа ги зафатил луѓето кои биле најблиску и ги притиснал за пропелерот. Трагичниот инцидент се случил утринава, а загинувањето на двајцата морнари го потврдија и албанските власти.

Засега е познато дека десет патници од фериботот загинаа, а повеќе од 400 се спасени и пренесени на безбедно место во пожарот што во неделата избувна на бродот, додека тој се наоѓаше во Јадранското Море. Сè уште не може да се утврди бројот на исчезнатите лица затоа што италијанските и грчките власти прикажуваат различни бројки за бројот на патниците.

„Норман Атлантик“ патувал од грчкото пристаниште Патрас за Анкона на јадранскиот брег во Италија. Половина од патниците се грчки државјани, а имаше патници од десетина други земји.

Бродот се запали додека пловеше северозападно од островот Крф, наспроти брегот на Албанија, но сè уште не се знае што го предизвика запалувањето во делот каде биле возилата.

XS
SM
MD
LG