Достапни линкови

logo-print

Грчкиот Парламент не успеа да избере претседател


Грчкиот Парламент денеска ни во третиот круг на гласање не успеа да избере нов претседател на Грција, со што се отвора патот за одржување на предвремени парламентарни избори во земјата. Единствениот кандидат за нов шеф на грчката држава, Ставрос Димас, кој беше поддржан од партиите од владејачката коалиција, доби 168 гласа или 12 помалку од неопходните 180 за да биде избран.

Бидејќи Парламентот ни по денешното гласање не успеа да избере шеф на државата, согласно грчкиот Устав, сега ќе следи негово распуштање и одржување предвремени избори.

Грчкиот премиер Андонис Самарас денеска предложи предвремените парламентарни избори да се одржат на 25 јануари.

Според анкетите на јавното мислење, на изборите се очекува победа на опозициската екстремно левичарска Коалиција на радикалната левица.

Партијата ветува дека ако дојде на власт ќе го преразгледа договорот со меѓународните кредитори, што може да го загрози опоравувањето на кревката грчка економија, која неодамна излезе од повеќегодишната рецесија.

Во текот на викендов грчкиот премиер Андонис Самарас апелираше до пратениците да го поддржат Димас, додавајќи дека нема намера да прави нови отстапки во врска со реформите и изразувајќи увереност дека неговата Нова демократија би победила на предвремени избори.

XS
SM
MD
LG