Достапни линкови

Македонија под снег, отежнат сообраќај, откажани летови


Снегот што од попладнето интензивно паѓа предизвика пренасочување или откажување на неколку авиолетови на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје. Според информациите објавени на веб страницата на аеродромот, авионите од Цирих, Истанбул, Брисел и Базел што требаше да слетаат во Скопје, се пренасочени во Приштина. Откажани се летовите од Скопје за Дубаи, Цирих, Истанбул и Лондон.

Сообраќајот на сите државни патишта во Македонија се одвива отежнато и во зимски услови и со големи остатоци од снег по коловозите, соопшти АМСМ.

Поради сообраќајна незгода на патниот правец Скопје-Велес пред тунелот Катланово, сообраќајот е во прекин за сите видови на возила.

Поради големи остатоци од снег на коловозот, во прекин за сите возила е сообраќајот на патниот правец Кичево-Охрид преку планинскиот премин Пресека.

Забрани за тешки товарни возила има на патнитe правци Тетово - Попова Шапка, Маврово - Дебар - Струга, Струга - г.п. Ќафасан, на планинските премини Стража и на патниот правец Буково и Ѓавато. Забрана за камиони има и на регионалните патни правци Тетово-Брвеница-Чегране-Гостивар, Сарај-Тетово, Тетово-Пирок-Гостивар, Теарце-Јегуновце-Радуша и Желино-Јегуновце.

Снегот, според најавата од УХМР, ќе продолжи интензивно да паѓа и во текот на ноќта, што ќе формира нова снежна покривка која не повеќе места ќе биде со висина од 10 до 40 см. На планинските места ќе има значително зголемување на снежната покривка, локално и над 50 см проследено со силен ветер кој ќе услови и снежни наноси. Ќе дува умерен, долж Повардарието и на исток засилен југоисточен ветер, кој на моменти ќе достигнува брзина до 80км/ч.

Утре ќе се спушта многу студена воздушна маса од север со умерен до засилен северен ветер која во наредните денови ќе предизвика променливо облачно и многу студено време со локален снег и појава на голомразица.

XS
SM
MD
LG