Достапни линкови

logo-print

Полицијата го приведе персоналот на РСЕ во Баку


Вработените биле однесени во одделот за тешки злосторства на канцеларијата на државниот обвинител на сослушување. Директорот на азербејџанскиот сервис на Радио Слободна Европа, Кенан Алиев, изјави дека биле повикани во канцеларијата на обвинителот за испрашување во врска со нивното вработување.

Полицијата во Баку присилно приведе на испрашување дел од персоналот на азербејџанскиот сервис на Радио Слободна Европа, два дена откако обвинителите спроведоа рација во бирото и го затворија.

Оваа акција е неоправдана ескалација на обидот на владата на Азербејџан за да ги заплаши независните новинари и да ја потисне слободата на медиумите.

Камран Махмудов, водител на дневна радио емисија на радио Азадлик, бил земен од неговиот стан во раните утрински часови, откако полицијата, преправајќи се дека бара негов сосед, успеала да влезе во неговиот дом. Сопругата на Махмудов изјави дека тој бил земен од дома без чевли и јакна. Полицијата, исто такa го уапси Султансој, уредник на сајтот на руски јазик на радио Азадлик, како и хигиеничарката која работела во бирото, Матанат Абдинова.

Вработените подоцна биле однесени во одделот за тешки злосторства на канцеларијата на државниот обвинител на сослушување. Директорот на азербејџанскиот сервис на Радио Слободна Европа, Кенан Алиев, изјави дека десетици вработени со полно работно време и хонорарни работници биле повикани во канцеларијата на обвинителот за испрашување во врска со нивното вработување. Повеќето одбиле да соработуваат додека не им биде обезбеден адвокат.

Овој неприфатлив настан ја илустрира сериозноста на предизвиците со кои новинарите, бранителите на човековите права и другите кои изразуваат критички ставови се соочуваат таму.

Државните инспектори на 26 декември спроведоа рација на бирото на РСЕ во Баку, запленувајќи компјутери и лични досиеја, по што ја затворија канцеларијата на радиото. Тие изјавија дека нападот бил дел од тековната истрага на Бирото како странски финансиран субјект.

Хадија Исмаилова.

Хадија Исмаилова.

Околу 15 новинари и блогери се моментално зад решетки во Азербејџан, вклучувајќи ја и Хадија Исмаилова, истражувачки новинар и соработник на РСЕ. Судските служби го отфрлија барањето на Исмаилова нејзиниот двомесечен затворски притвор да биде заменет со домашен притвор.

Репортери без граници го осудија нападот врз бирото во Баку како најнов обид да се искорени медиумскиот плурализам во земјата. Јохан Бихр, шеф на бирото за Источна Европа и Централна Азија на оваа организација со седиште во Париз изјави дека владата на претседателот Илхам Алијев методолошки го урива секој од преостанатите независни медиуми, еден по еден.

„Зборовите не можат да го опишат нивото на оваа операција која е во тек“, додаде тој.

Инаку, Репортери без граници го рангираа Азербејџан на 160 место од 180 земји во неговиот индекс за слободата на печатот во 2014.

Затворањето на азербејџанскиот сервис на РСЕ беше критикуван и од страна на американскиот Стејт департмент и Бордот на гувернери (ББГ), кој ги мониторира сите меѓународни емитувања.

„Оваа акција е неоправдана ескалација на обидот на владата на Азербејџан за да ги заплаши независните новинари и да ја потисне слободата на медиумите“, изјави претседателот на ББГ, Џеф Шел.

Ги повикуваме властите веднаш да му овозможат на сервисот на РСЕ да продолжи со својата важна новинарска работа од Баку, рече Шел.

Прес-службата на Стејт департментот соопшти дека е „длабоко вознемирена“ поради упадот и ги повика азербејџанските власти да ја почитуваат меѓународната обврска на земјата за заштита на слободата на медиумите. Американскиот сенатор Бен Кардин, претседател на Комисијата за безбедност и соработка во Европа, ги повика азербејџански власти веднаш да стават крај на малтретирањето на новинари.

Комесарот за човекови права во Советот на Европа, Нил Музниекс изрази големо разочарувањепоради упадот.

„Овој неприфатлив настан е дел од многуте случаи на репресија на спротивставените гласови кои се случија во блиското минато во Азербејџан и ја илустрира сериозноста на предизвиците со кои новинарите, бранителите на човековите права и другите кои изразуваат критички ставови се соочуваат таму“, напиша Музниекс на својот Фејсбук профил.

Азербејџанскиот сервис на РСЕ кој е познат во Азербејџан како Радио Азадлик, доби забрана за радиодифузија од 2009 година, но продолжува да допира до јавноста преку својата веб-страница.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG