Достапни линкови

Брет - Потребни се повеќе консултации за образовните реформи


Од наша гледна точка треба да има консултации, да се слушне повеќе и да се вклучи мислењето на засегнатите страни, тоа значи и на професорите и на студентите, вели амбасадорот на ОБСЕ, Ралф Брет, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Амбасадоре Брет, во последниот период актуелни се реформите во образовниот процес, особено оние за задолжително полагање на државен испит на факултетите. Илјадници студенти протестираа, но Владата и покрај сè, не се откажува од полагањето државен испит. Како вие ги оценувате овие владини политики?

Секако дека квалитетот на образованието е многу важен и одговорност на оваа Влада е да го обезбеди тој квалитет и да создаде услови, но предложениот државен испит сигурно ќе влијае на воспоставените практики и ќе биде голема промена за средните училишта и факултетите. Од наша гледна точка треба да има консултации, да се слушне повеќе и да се вклучи мислењето на засегнатите страни, тоа значи и на професорите и на студентите.

Значи, според вас, проблемот ќе се реши преку заеднички дијалог на засегнатите страни?

Се чини дека целиот процес е краток. Па би кажал дека се потребни повеќе консултации.

Може ли да се смени нешто пред законот да помине во Собрание?

На крајот парламентот е тој што ги усвојува законите. Значи во тој процес таму, правилата и нацрт законите можат да се изменат. Секогаш постои можност за тоа, сè до моментот кога ќе се усвојат.

Еден од проектите на мисијата на ОБСЕ е оној за интегрирано образование. Дали овој модел е единствениот начин за надминување на поделеноста во училиштата?

Прво би сакал да кажам дека стратегијата за интегрирано образование е усвоена од Владата во 2010 година, но од почетокот ОБСЕ помагаше да ја развие и сега ја поддржуваме неговата имплементација. Овој модел го гледаме како една алатка за надминување на поделеноста во основните училиштата, но исто така и во општеството, бидејќи мислењата и однесувањето се формираат на таа возраст. Но, поделби има исто така и во други сектори на општеството. И има многу начини и во граѓанското општество, но и во начинот како Владата, политичките лидери и креаторите на јавното мислење се промовираат и вршат влијание врз мислењата како да се надминат ваквите поделби.

Која е, според вас, причината за етничката нетрпеливост и постојаните меѓуетнички инциденти помеѓу младите?

Гледам главно два извора за овој проблем. Едниот се стереотипите кои се длабоко вкоренети и во приватниот живот и во семејството и кои се пренесуваат од генерација на генерација. Вториот е поделеноста, која се должи делумно на образованието на мајчин јазик. Образованието на мајчин јазик е нешто што го поддржуваме, бидејќи е исто така во Охридскиот рамковен договор, но значи дека двете мнозински етнички заедници имаат главно поделено образование. Сметаме дека доколку првично се направат промени во самите семејства, климата на толеранција и отвореност кон другите заедници може да се постигне и во училиштата треба да има многу заеднички активности. Најмалку што може да се направи е да се почне со ненаставни активности, но исто така и многу предмети можат да се учат заедно. Но, секако за деталите треба да одлучат властите и меѓусебните консулатации меѓу родителите и учителите.

Ја споменавте важноста на образованието дома и во училите, но можат ли политичарите да влијаат на превенција на меѓуетничките инциденти?

Еден пример преку кој тоа може да го направат е да покажат дека се заедно кога се појавуваат на јавни настани, дека не се поделени. Дека тоа е една влада независно од различната националност на членовите на Владата. Ова е добро за сите политичари, за пратениците и за сите луѓе кои имаат влијание врз јавноста. На пример, религиозните лидери, уметниците, луѓе на кои им се воодушевуваат младите. Преку нивниот пример тие треба да покажат дека соработката е подобра од конфронтацијата, но исто така тоа треба да го прават и преку пораките што ги праќаат во јавноста.

Откако кампањата „Кажи не на насилството“ предизвика гласни реакции во јавноста и беше оценета како дискриминаторска во однос на одредена група луѓе, задоволни ли сте од ефектите од кампањата?

Морам да кажам дека не беше толку критикувана кампањата, туку едно видео кое беше презентирано во рамки на кампањата. Ние жалиме ако луѓето погрешно ја разбраа и ја сфатија како дискриминирачка. Мислиме дека пораката беше јасна и кампањата која како таква ја спроведовме заедно со засегнатите страни и со локалните институции беше успешна и имаме впечаток и убедени сме дека таа помогна да се намалат конфронтациите особено во училиштата.

Каква е вашата оценка за политичката клима во земјава? Веќе долго време пратениците на опозицијата не се во парламентот, а нема ниту сигнали за обновување на политичкиот дијалог.

Покрај проблемите кои вие ги споменавте, генерално би можел да кажам дека гледаме стабилна ситуација. Гледаме земја во која се работи, во која нормалните процеси се во тек, но секако дека проблемот со отсуство на опозицијата е важен за демократскиот процес. Мислиме дека местото на членовите на парламентот е во парламентот. Ако се избрани, тие треба да ги прифатат мандатите. Оваа порака исто така ја потенциравме до политичките лидери од опозицијата, особено до господинот Заев и мислам дека ова мислење го дели целата меѓународна заедница. Неодамна комесарот за проширување го кажа истото. Сè додека ситуацијата е таква, работата во парламентот не е нормална и мислиме дека тоа треба да се смени што поскоро.

Какви последици за демократскиот развој на земјава може да има ваквата политичка криза?

Да, ако работата во парламентот не е нормална, првото што недостига е дискусија. Тоа значи дека и членовите на владејачкото мнозинство можат да дискутираат, тие не се само машини за гласање, но ако отсуствува опозицијата, тоа значи дека отусуствува критиката. Таквите прашања отвораат дебата во јавноста и нивната цел од една страна е да ги подобрат законите, но исто така и политичките одлуки. Дискусијата отвора можност да се подобрат работите и да се донесат подобри одлуки, а тоа е суштината на демократијата. Парламентот е главниот форум на демократскиот процес, а ако тоа не се случува таму, тоа значи дека процесот на донесување одлуки е осакатен.

Дали законите кои се носат во собранието во кое не е присутна опозицијата ја доведуваат во прашање нивната легитимност?

Тоа е прашање од уставна природа, на крајот одговорот треба да се бара во Уставот, но секако дека е минус ако само претставниците на владејачкото мнозинство гласаат за закони и политики. Легитимноста не би сакал да ја квалификувам, но од политички аспект би рекол дека тоа секако е недостаток.

Колку, според Вас, македонската Влада ги има инкорпорирано забелешките на ОБСЕ/ОДИХР во однос на Изборниот законик?

Да ѝ објаснам накратко на публиката. После изборите, ОДИХР во својот извештај презентираа забелешки за проблемите кои ги воочиле и веднаш потоа ги дадоа своите препораки. Не само по последните избори, туку и по сите претходни, беа формирани работни групи кои требаше да работат на препораките. Сакам да ги оставам ОДИХР тие да го дадат својот суд бидејќи тие се специјализирана институција која се занимава со изборните препораки базирани на изборниот процес, но она што го видовме по последните избори е дека работните групи не можеа потполно да работат, бидејќи немаше претставници на опозицијата. Значи од пролетта 2014 наваму, не гледаме прогрес во оваа област.

Во Македонија драстично е зголемен бројот на илегални мигранти од Блискиот и средниот исток и од Северна Африка. Дали тоа носи некакви безбедносни ризици за земјава?

Мораме да разгледаме различни аспекти. Прво е тоа што овие луѓе главно транзитираат. Доаѓаат од југ и сакаат да заминат главно кон западните земји, нивната крајна цел е Централна или Западна Европа, а не да останат тука. Тие немаат намера да направат штета тука, не доаѓаат тука за да прават криминални дела, но секако дека самиот транспорт на илегални мигранти е сам по себе криминал и тоа значи дека луѓето кои го прават тоа за пари се криминалци. Вториот аспект е дека овие луѓе се кријат, дека се на места особено на северната граница со Косово и со Србија и локалното население не е среќно, нив ги доживуваат како вознемирувачки, иако досега не сме виделе сериозни криминални дела таму, но тие се таму и влијаат врз секојдневниот живот и локалното население се жали. Се обидовме да помогнеме и да воспоставиме контрола врз границите и дел од суверенитетот на секоја земја е да каже кој треба да ја помине границата. Ние би можеле да помогнеме со веќе воспоставените информативни центри на границите со Косово и со Србија, а имаме намера да им помогнеме и на релевантните власти да го направат тоа на границата со Грција.

Млади луѓе од земјава продолжуваат да одат во Ирак и во Сирија и да се борат во редовите на Исламската држава и покрај законот со кој се предвидуваат тешки затворски казни за учество во странски војски. Колку е опасна ваквата појава?

Прво ова е генерален феномен, не само тука и во регионот но исто така и во Европа. Дури и мојата земја и други европски земји, но и други светски земји мора да се справат со овој феномен. Тоа е генерален и релативно нов феномен. Сметаме дека ова е важно и ја споделуваме загриженоста која државниот врв ја искажа на крајот на годината бидејќи младите луѓе кои одат надвор да се борат се враќаат со нови вештини и нивниот морален праг е намален, мислам особено на убивањето луѓе и посебно на начинот на кој тоа го прават овие радикални групи, значи би можеле да се вратат првите групи млади луѓе кои би правеле такви активности или терористички дела тука. Значи ја делиме загриженоста, мислиме дека се работи за релевантен ризик насекаде и веќе ја информиравме Владата околу некои заеднички активности на земјите членки на ОБСЕ, за тоа кои се најдобрите практики од сите земји членки за справување со овој феномен и што треба да се направи за да се намали овој ризик.

Амбасадоре Брет, вие исто така бевте германски амбасадор во земјава. Може ли да направите споредба од тој период тогаш и сега. Како ја оценувате Македонија, дали напредуваме или назадуваме?

Зависи од областа. Тешко е генерално да рангирате една земја. Секако гледате дека по конфликтот во 2001, нема сериозно насилство и тоа е позитивно. Генерално гледаме стабилност во земјава во смисла на тоа дека нема многу конфронтации меѓу групите како во многу други земји. Секако тоа е позитивниот ефект. И секако институциите работат со повеќе рутина и софистицираност во сите области. Мислам дека нови институции беа формирани во текот на годините, омбудсманот одигра важна улога, но има и области во кои не регистриравме позитивен развој. Една е слободата на медиумите, во меѓуетничките односи не би рекол дека имаме назадување, туку стагнација и поголема поделеност и тоа е нешто на што ОБСЕ сака да работи натаму. Значи би рекол дека генерално земјата напредува како млада независна демократија, но исто така постојат и проблеми за кои би сакале да ви помогнеме.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG