Достапни линкови

Академски отпор против власта


„Ние студираме, вие профитирате“
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:47 0:00

„Ние студираме, вие профитирате“

Неколку илјади студенти и универзитетски професори излегоа на денешните протести против владините реформи во високото образование.

Неколку илјади студенти, професори и нивни поддржувачи денеска се собраа пред зградата на Владата за по трет пат да кажат „не“ за државниот испит и најавените други владини реформи во високото образование. „Автономија“, „Екстерно за владата“, „Нема правда - нема мир“ извикуваа насобраните.

Ние ве овластивме да постапувате во согласност со нашите барања, вие не сте државата, ние сме државата.
Студент на денешниот протест.

Од неформална организација Студентски пленум, која е организатор на протестот, порачаа дека тие не се насилници, туку, како што рекоа, на нивна страна се вистината, аргументите и Уставот, а фрлија и копии од највисокиот државен акт кон владата за, како што рекоа, да го прочитале.

„Едно потсетување за тие зад мене, ние ве овластивме да постапувате во согласност со нашите барања, вие не сте државата, ние сме државата.“

„Вие велите народот е нашата сила, идејата е нашиот двигател, ние сме народот, а индексот е нашиот двигател.“

„Сите мислат дека оваа работа ќе заврши како што тие сакаат да ја заташкаат потајно, да не дозволат да се чуе гласот на студентите, ние сме тука и бараме јавна дебата.“

„Нашиот премиер пред неколку дена кажа дека не знае зошто ние протестираме, покрај сите наши барања и аргументи зошто онаа нова реформа не е добра и ништо добро нема да донесе. Ние сме тука заради чест, слобода и автономија на Универзитетот“, рекоа студентите.

На протестот кој почна во 14 часот се придружи и голема група професори од Универзитетите Свети Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски, Штуловиот универзитет и други високообразовни институции, кои еден час претходно на Филозофскиот факултет формираа Професорски пленум. Пеш до владата чекореа со пароли „Знаењето е сила, законов е ноќ“, „Да за реформи, не за про форма“, „Еве ви уште лица за заокружување“.

Овде денеска веројатно нема ништо конкретно да се реши, меѓутоа веќе е воспоставена таа не сплеткарска, туку конструктивна меѓусебна комуникација од која понатаму се надевам дека ќе можеме да влијаеме од внатре, за после низ формални процедури да можеме ние да бидеме двигатели на промени во образованието кои се нужни, неопходни, но не на ваков неук, штур, агресивен и да не користам многу емотивни придавки, никаков начин.
Огнен Чемерски, професор.

„Овде денеска веројатно нема ништо конкретно да се реши, меѓутоа веќе е воспоставена таа не сплеткарска, туку конструктивна меѓусебна комуникација од која понатаму се надевам дека ќе можеме да влијаеме од внатре, за после низ формални процедури да можеме ние да бидеме двигатели на промени во образованието кои се нужни, неопходни, но не на ваков неук, штур, агресивен и да не користам многу емотивни придавки, никаков начин“, рече професорот Огнен Чемерски, кој додаде дека се обидуваат да се вклучат во дебатата, но ако не успееле, ќе им остане непосакуваната варијанта - ненасилна граѓанска непослушност.

Непосредно пред протестот стигна веста дека на денешната седница на ректорската управа на Универзитетот Кирил и Методиј е донесено барање за одложување на процедурата на целиот пакет на измени предложен од владата. На барањето се потпишале ректорот, проректорите и уште 23 декани и директори на институции што присуствувале на состанокот.

„Ректорската управа го препознава професорот во себе и можеби по нашето барање, донеле одлука потпишана од сите декани дека веднаш ќе бараат повлекување на законот од Собранието. Затоа мислам дека вредеше што студентите го разбудија професорот во нас“, рече професор Гордана Силјановска на формирање на Професорски пленум.

Но, и покрај противењата на студентите и универзитетската фела, пакетот закони со кои се предвидуваат реформи во високото образование, меѓу кои и воведување на државен испит, денеска го поминаа првото читање на собраниската Комисија за образование, наука и култура. Пленарната седница е закажана за в понеделник, а студентите најавија дека ќе имаат активности и тогаш.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG