Достапни линкови

Битката на студентите не е загубена


Амбасадорот на ОБСЕ, Ралф Брет вели дека треба да се слушне мислењето на сите засегнати страни, посочувајќи дека имало малку време за консултации. Професорите пак велат дека досега немало ваква мобилизација и уверуваат дека битката не е загубена.

Одговорност на Владата е да обезбеди квалитетно образование, но предложениот државен испит на факултетите ќе биде голема промена и значително ќе влијае на воспоставените практики, вели шефот на мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Ралф Брет. Во неделното интервју за радио Слободна Европа, тој вели дека целиот процес на предложените измени во законот за високо образование е краток и додава дека се потребни повеќе консултации со студентите и професорите.

Од наша гледна точка треба да има консултации, повеќе да се слушне и да се вклучи мислењето на засегнатите страни, тоа значи и на професорите и на студентите. На крајот, парламентот е тој што ги усвојува законите. Значи во тој процес таму, правилата и нацрт законите можат да се изменат. Секогаш постои можност за тоа, се до моментот кога ќе се усвојат.
Ралф Брет, шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија.

„Од наша гледна точка треба да има консултации, повеќе да се слушне и да се вклучи мислењето на засегнатите страни, тоа значи и на професорите и на студентите. На крајот, парламентот е тој што ги усвојува законите. Значи во тој процес таму, правилата и нацрт законите можат да се изменат. Секогаш постои можност за тоа, се до моментот кога ќе се усвојат“, изјави амбасадорот Брет.

Ралф Брет.
Ралф Брет.

Дека битката на студентите не е загубена, уверува Игор Мицевски, предавач на Високата школа за новинарство и односи со јавност. Во овој момент институциите мора да се соочат со притисок каков што досега не сме виделе, вели Мицевски, според кој во Македонија не се случило толкава голема мобилизација на оваа група на луѓе околу либерални цели и прашањата за автономијата на Универзитетот.

„Овој тип на мобилизација којшто брани либерални цели, ја брани автономијата на Универзитетот и ги брани либералните вредности воопшто во ова општество е непосочена до сега и тоа ми дава за право да верувам дека и овојпат притисокот врз институциите ќе биде толку голем што тие нема да можат да го игнорираат.“

Наивно би било да веруваме дека за предложениот закон нема да се случи гласање на парламентот какво што партиите на власт сакаат, но таквиот исход не смее да не обесхрабри, дециден е Мицевски.

„Тоа што на краток рок некои битки изгледаат загубено, не значи дека на среден или на долг рок се загубени сите моменти на отпор и мислам дека студентското движење прави доволно брза структурација којашто на среден или на долг рок ќе ги предизвика партизираните студентски институции и истовремено партизираниот систем на високо образование којшто мора да биде предизвикан“, вели Мицевски

Во меѓувреме Правниот факултет објави низа забелешки кои се однесуваат на предлог законот за високо образование, а на дел од професорите кои преку писмо до Собранието побараа академската заедница да биде вклучена во расправата на собраниската комисија за образование, наука и спорт, не им беше одговорено.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG