Достапни линкови

logo-print

Невработеноста – еден од најсериозните проблеми


Во моментов, според Државниот завод за статистика, невработеноста изнесува 27,9 отсто, односно над 267 илјади луѓе бараат работа.

Намалувањето на високата невработеност е еден од најсериозните проблеми со кој Македонија се соочува уште од времето на воспоставувањето на независноста. Во моментов, според Државниот завод за статистика, невработеноста изнесува 27,9 отсто, односно над 267 илјади луѓе бараат работа. За намалување на високата стапка на невработеност, Владата во изминативе години примени повеќе мерки за вработување, како поддршка на започнување сопствен бизнис, помош за долгорочно невработени лица, помош за хендикепирани лица и други, а политиките се фокусирани и на обуки за усовршување на вештините на невработените.

Повеќе се добива впечаток дека мерките се користат за политика, отколку навистина да се вработат лицата без работа.

Ставот на универзитетскиот професор Здравко Савески е дека секоја влада треба посебно да посвети внимание на невработеноста и, според него, овие мерки се доста важни. Но, тој потенцира дека буџетот што Владата го одвојува за мерките е исклучително низок и тоа, според него, покажува само декларативен интерес на Владата за решавање на проблемот.

Влатко Поповски, директор на Агенцијата за вработување.

Влатко Поповски, директор на Агенцијата за вработување.

Многу пати невработените коишто се на обука забораваат дека треба да се пријавуваат и велат: „Јас не треба да се пријавувам!“ Не, напротив! Додека трае обуката, тие се буквално невработени лица, само им се зголемува капацитетот и нивните карактеристики за полесно вработување.

„Првиот проблем со кој треба да се справи Владата е да се зголеми буџетот за активни мерки и политики. Втората проблематична работа кај активните мерки е тоа што обично се вложува во програми кои не гарантираат трајно вработување и третиот проблем во насока на овие мерки е тоа што Владата секогаш кажува колку пари вложила и ги рекламира своите мерки за вработување, но не дава отчет колку тие мерки резултирале со фактичко вработување на лицата. Така што, повеќе се добива впечаток дека мерките се користат за политика, отколку навистина да се вработат лицата без работа“, вели Савески.

Во студијата на Левичарското движење „Солидарнот“ е направена анализа на активните мерки од 2007 до 2013 година, каде се напоменува дека луѓето кои учествуваат во некои од програмите, привремено се бришат од евиденцијата на невработени и пота треба повторно да се пријават. Оттука се поставува прашањето дали на овој начин стапката на невработеност делумно се намалува? Савески вели дека често граѓаните не се информирани дека после одреден ангажман преку овие програми, треба самите да се пријават како невработени.

Директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски, на прес-конференција најави две нови мерки за бесплатна обука на 30-тина луѓе и истакна дека активните мерки од оваа година резултирале со намалување на невработеноста. На прашањето дали оние што ќе бидат вклучени во обуките ќе бидат избришани од евиденцијата на вработени, тој рече дека бришење од евиденцијата се прави само ако луѓето добијат работа.

„Исклучиво тогаш! Ние секогаш имаме проблем со таа работа, бидејќи ги опоменуваме да се јавуваат на редовниот термин којшто е закажан во Агенцијата за вработување. Многу пати невработените коишто се на обука забораваат дека треба да се пријавуваат и велат: „Јас не треба да се пријавувам!“ Не, напротив! Додека трае обуката, тие се буквално невработени лица, само им се зголемува капацитетот и нивните карактеристики за полесно вработување. Бришени се зошто не доаѓаат да се пријават, а бидејќи се на обука, ние веднаш ги оправдуваме, значи веднаш кога ќе се јават дека се избришани, бидејќи тие од нас се пратени на обука“, вели Поповски, кој соопшти дека во 2014 година, врз основа на Оперативниот план за активните политики, се реализирани над пет илјади вработувања.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG