Достапни линкови

Со љубовта шегување нема – Повик за социјално рамноправен свет


„Со љубовта шегување нема“ е најновото дело на независниот „Интимен театар“ од Битола, чија премиерна изведба е планирано да се одржи оваа сабота, на 27 декември, во 20 часот. Режисер на претставата во која се говори за тоа дека денешниот свет е конструиран според правилата на капиталот е Софија Ристевска, а улогите ги толкуваат Здравко Стојмиров, Катерина Аневска и Стефанија Милевска.

„Со љубовта шегување нема“ е создавана врз идејата за денешниот неолиберализам, којшто го проголтува и уништува секој човечки напор за живеење надвор од неговата матрица. Во денешниот свет, конструиран само и единствено врз правилата на КАПИТАЛОТ, човекот за жал нема многу избор за алтернативи, освен да се потчини и да се постави во функција на парите.

Ние го поставуваме прашањето дали љубовта е исто толку важна колку што е важен капиталот и колку човекот кој што живее денес е способен да ја негува таа особина која што некогаш била издигната на пиедестал. Значи, дали солидарноста, хуманоста, љубовта се на исто ниво како и капиталот денес. Дали потрошувачката моќ, дали парите и финансиите се поважни од човечкото и она што е хумано.
Софија Ристевска, режисерка.

Ова ќе го запише Софија Ристевска во пресрет на премиерата на претставата „Со љубовта шегување нема“ која од 27 декември ќе го започне своето битисување на сцената на независниот „Интимен театар“ во Битола. Проектот е работен според текстовите од истоимената пиеса на Французинот Алфред де Мисе, еден од првите автори во романтизмот, записи на режисерката и членовите на екипата и актуелни документарни материјали.

„Ние го поставуваме прашањето дали љубовта е исто толку важна колку што е важен капиталот и колку човекот кој што живее денес е способен да ја негува таа особина која што некогаш била издигната на пиедестал. Значи, дали солидарноста, хуманоста, љубовта се на исто ниво како и капиталот денес. Дали потрошувачката моќ, дали парите и финансиите се поважни од човечкото и она што е хумано“, вели Ристевска.

Атмосферата во која што се игра претставата е супермаркетот како симбол на ова потрошувачко време каде што сè се продава и сè се купува и каде капиталот, за жал, е поважен од љубовта.
Софија Ристевска, режисерка.

Проектот е работен според текстовите од истоимената пиеса на Французинот Алфред де Мисе, еден од првите автори воромантизмот, записи на режисерката и членовите на екипата и актуелни документарни материјали. Од таму нималку не е чудно кога таа појаснува дека излегле на терен и дека на улиците од Битола разговарале со социјално загрозени луѓе, зависници, припадници на ЛГБТИ заедницата во Македонија, а нивните приказни ги имплементирале во претставата.

Дополнува дека всушност, на едно трето ниво, нивниот проект се бави и со прашањето дали треба да се емигрира во оној свет каде што капиталот е издигнат на пиедестал, некаде во Европа, или треба да се остане дома и овде да се бара и гради нашата иднина.

Јас лично сум многу среќна што сум дел од овој проект затоа што го правам тоа што го сакам.
Стефанија Милевска, кореографка.

„Атмосферата во која што се игра претставата е супермаркетот како симбол на ова потрошувачко време каде што сè се продава и сè се купува и каде капиталот, за жал, е поважен од љубовта. На крајот заклучивме дека со сè можеме да се шегуваме освен со капиталот. Претставата е социјално обоена. Говори за тоа како се чувствува еден човек во Македонија денес, па генерално и во светот. Се повикавме и на една реплика на мојот омилен автор Рене Полеш којшто вели дека ЉУБОВТА Е ПОСТУДЕНА ОД КАПИТАЛОТ затоа што со љубовта шегување денес има, но ние повторно го поставуваме прашањето колку и до каде можеме да се шегуваме со љубовта, хуманоста и солидарноста“, вели Ристевска.

Во „Со љубовта шегување нема“ играат актерите Здравко Стојмиров и Катерина Аневска и поп-џез пејачката, манекенка, кореографка и танчерка Стефанија Милевска.

Здравко Стојмиров има дипломирано на универзитетот „Неофит Рилски“ во Бугарија. Играше во „Трансферату“ првиот проект во новиот простор на „Интимен театар“, а за улогата во „Дневникот на лудиот“ што го режираше Роберт Симоновски ја доби првата награда на фестивалот „Фиат“ во Подгорица, Црна Гора. Забележливи се и неговите улоги во „Црвено“, „Мажот е маж“ и „За домот се работи“ на режисерот Мартин Кочовски во Битолскиот театар, а со Софија Ристевска има соработувано и на „Приказна за зоолошката“ и „Домот на Бернарда Алба“.

Катерина Аневска има дипломирано на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Со Ристевска има работено на „Љубовницата“ и „Љубовта е демоде“, а најмногу ликови има остварено на сцената на Битолскиот театар. Бележита е нејзината игра во „За домот се работи“ на Горјан Милошевски и режисерот Кочовски, соработуваше со словенечкиот режисер Диего де Бреа, а значајно место во нејзината професионална биографија заземаат и проектите „Каренина Made in Macedonia“, „Травничка хроника“, „Обична приказна“ и други.

Стефанија Милевска има дипломирано на катедрата за поп и џез пеење на Новиот бугарски универзитет во Софија. Беше членка на бендот „Блусис“ и кореографка на неколку мјузикли и фестивали. Долг период работи и во модното студио „Анастасија“ од Битола.

Таа истакнува дека претставата се состои од танци, глума и пеење и дека благодарение на одличната комуникација со колегите тие во меѓувреме, низ процесот на работа, станале несекојдневно трио кое заедно со режисерката и со целата екипа донесува ретко иновативен проект - многу поразличен од сличните вакви сценски перформанси.

„Јас лично сум многу среќна што сум дел од овој проект затоа што го правам тоа што го сакам. Не сум класичен пејач кој излегува и пее на сцена, туку перформер или комплетен артист. Всушност, тоа што го правиме овде е она што сум јас како уметник. Во претставата говориме за наши актуелни проблеми, за битката помеѓу капиталот и љубовта, за бегството од домот, социјалните теми. Сето тоа и сите наши лични проблеми ги ставивме на маса за да потем ги кажеме гласно и јасно и ги поминеме низ една друга наша емоционална свест. Конечно добивме едно силно емотивно дело кое неизоставно треба да се погледне“, вели Милевска.

Кон ова само уште информациите дека кореографијата е дело на Милевска и Кире Миладиновски, изборот на музика и дизајнот на звук е на Златко Кузевски, а по премиерната изведба во наредните два дена ќе следуваат и две репризни, за да потем претставата се најде на редовниот репертоар на „Интимен театар“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG