Достапни линкови

Студентите си го бараат образованието назад


Не се откажуваме затоа што сопствената држава бесрамно не игнорира, дрско ни се потсмева и невешто не заокружува, велат од Студентски пленум, најавувајќи го за в петок, пред Владата на Македонија протестот против полагањето на државниот пленум и реформите во образованието кои пак се на прво читање во понеделник пред Собранието

Истрајни во својата борба за поквалитетно високо образование, членовите на Студентскиот пленум за утре најавија нови протести кои ќе се одржат пред Владата. И покрај сите квази јавни дебати, свесно прекрпување на законите и целосно игнорирање на Студентскиот пленум, ние нема да се откажеме, изјави Горан Таневски од пленумот.

Да си го освоиме образованието назад. Ова е моментот кога треба да искажеме револт, не само против лошите реформи, туку и затоа што сопствената држава без срам нè игнорира, дрско ни се потсмева и невешто нè заокружува.
Горан Таневски, Студентски пленум.

„Да си го освоиме образованието назад. Ова е моментот кога треба да искажеме револт, не само против лошите реформи, туку и затоа што сопствената држава без срам нè игнорира, дрско ни се потсмева и невешто нè заокружува“, вели тој.

Да докажеме дека гласот на студентите не познава политички и национални бариери и дека нас студентите, колку посилно нè притискаат, толку посилни стануваме, апелираат од Студентскиот пленум. Повикуваат на масовен протест и се надеваат дека и утрешниот протест ќе помине исто како и претходните два марша, мирно и без како што велат национални и верски обележја.

Таневски уверува дека студентите ќе продолжат да го демонстрираат нивното незадоволство од владините политики по повод измените во високото образование.

„Со секој нареден наш потег очекуваме владата да ги омекне своите ставови и да ги прифати нашите барања. Очекувам утрешниот протест исто да помине коректно, да нема проблеми, да нема инциденти и очекувам овој пат да имаме мрежа на телефоните“, вели Таневски.

Од пленумот не сакаат да шпекулираат зошто Владата избегнува да ги вклучи во дијалогот на оваа тема, но велат дека тие ќе останат доследни на своите барања. Јасни се во својата намера дека не треба да се дебатира за техничките прашања околу задолжителниот државен испит на факултетите, туку за одредени измени во високото образование кои не подразбираат воведување на државен испит.

Изјава Студентски пленум
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:05 0:00

Во врска со барањето на група професори кои испратија писмо до Собранието во кое се бара да им биде дозволено учество на претставници на академската заедница и на Студентскиот пленум на седницата на Комисијата за образование, наука и спорт, Таневски вели дека сè уште немаат одговор за тоа дали таквото барање е прифатено.

„Сè уште немаме добиено одговор дали е прифатено таквото барање на професорите и на Студентскиот пленум и ако е прифатено Студентскиот пленум со задоволство ќе испрати свои претставници во Комисијата“, вели Таневски.

Во изминатиот период студентите одржаа два марша во знак на незадоволство од измените на законот за високо образование кои вклучуваат задолжително полагање на еден државен испит во два дела, во втората и во завршната година. Откако викендот законот помина низ владиниот филтер, веќе за понеделник е закажано неговото прво читање на пленарната собраниска седница.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG