Достапни линкови

Oд Крушево до Демир Хисар, дупка до дупка


Патот што води од Крушево до Демир Хисар.
Патот што води од Крушево до Демир Хисар.

Регионална делница од Кршево во Демир Хисар навистина се наоѓа во катастрофална состојба, се согласуваат сите, и возоачите и власта и опозицијата.

Патот што води од Крушево до Демир Хисар е вистински кошмар за возачите, но и патниците. Се чини дека нема можност ни стотина метри да се изминат по асфалтиран пат. Ударните дупки не се бројат, на места толку се длабоки што личат на кратери. Нервозни се и професионалните возачи кои секој ден ја поминуваат оваа делница, а вистински шок е за возачите кои имаат желба туристички да дојдат од Демир Хисар во Крушево, или обратно.

На каков начин ние ќе го развиваме туризмот кога секој граѓани, секој гостин што доаѓа во Крушево, правата поплака му е - едвај дојдов, едвај автомобилот ми остана здрав.

Голем е бројот на оние коишто претрпиле големи штети, ги уништиле амортизерите, скршиле лагери, им се дупнале гумите на тркалата, ги оштетиле бандажите. Руинираниот пат е причина за намален број на туристички посети на Крушево, од страна на граѓаните од овој дел на Македонија.

„На каков начин ние ќе го развиваме туризмот кога секој граѓани, секој гостин што доаѓа во Крушево, правата поплака му е - едвај дојдов, едвај автомобилот ми остана здрав.“

Локалната власт да си ги преземе сите неопходни мерки, за да успеем ситуацијата да ја доведеме до една нормала и луѓето да дојдат вистински да се одмараат во Крушево, а не да дојдат разочарани и уште поразочарани да си одат“, вели Санде Стојчески, советник во општинскиот Совет, од редовите на опозицијата.

Не стивнуваат реакциите, ниту од општинската организација на СДСМ. Од таму ја повикуваат и локалната и централната власт да се преземат мерки и итно да се реши проблемот.

„Ова е срам за туристичко место какво што е Крушево. Општинската организација на СДСМ бара да се преземат итни мерки, за реконструкција на овој патен правец којшто би чинел околу 2 милиона евра или 9 пати помалку од цената на панорамското тркало во Скопје и многу пати помалку од милионските суми, народни пари коишто се потрошени за владини реклами“, изјави Трајче Калески, претседател на крушевските социјалдемократи.

Градоначалникот на Крушево, Ѓорѓи Дамчески смета дека сосем оправдани сите критики и барања на граѓаните, бидејќи оваа регионална делница навистина се наоѓа во катастрофална состојба. Тој тврди дека локалната власт постојано бара начини да се санира патот, којшто е единствена сообраќајница со Општина Демир Хисар и најблиска делница за Битола.

За Дамчески реконструкцијата на овој пат треба да биде ставена на приоритетна листа на Јавното претпријатие за патишта, бидејќи во услови кога се вложуваат сите напори за економски развој и привлекување особено на странски инвестиции, патната инфраструктура е значаен фактор.

Побаравме одговор и од Јавно претпријатија за патишта. Од таму најавуваат, но не со сигурност, дека рехабилитацијата на регионалната делница Крушево-Демир Хисар е планирана за следната 2015 година.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG