Достапни линкови

Музичките уметници со Реквием за новиот закон за хонорари


Илустрација.
Илустрација.

Сојузот на музичките уметници на Македонија е апсолутно против законските измени за дополнително плаќање на придонеси, беше речено на трибината што денеска напладне, во просториите на СОКОМ, ја организираше оваа наша професионална асоцијација. Тие велат дека донесувањето на овој закон без консултација со сите засегнати страни е врв на безобразието и ароганција на власта. Се плашат оти е „можеби дојдено времето громогласно да се свири моцартовиот „Реквием“ пред зградата на Собранието“.

Музичките уметници се апсолутно против законските измени за дополнително плаќање на придонеси. Ова е заклучокот кој произлезе од трибината што денеска напладне, во просториите на СОКОМ, ја одржа Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ). Организаторите велат дека донесувањето на овој закон не е во полза ниту на хонорарците, ниту на вработените. Тие посочуваат дека е крајно време да престанат со молкот и јавно да кажат што се случува во сферата на културата. Велат дека со години наназад музичките уметници добиваат хонорари коишто се срамни.

Со тој хонорар треба да се плати сала, треба да се плати ЗАМП, треба да се плати клавир којшто мора да се изнајми, треба да се плати негово штимање, што значи со овие законски измени, со овој данок од 35 отсто, според логиката на владата ние ќе треба да доплатиме од својот џеб за да свириме концерт.
Љубиша Кировски, претседател на Сојузот на музичките уметници на Македонија.

„Со тој хонорар треба да се плати сала, треба да се плати ЗАМП, треба да се плати клавир којшто мора да се изнајми, треба да се плати негово штимање, што значи со овие законски измени, со овој данок од 35 отсто, според логиката на владата ние ќе треба да доплатиме од својот џеб за да свириме концерт“, истакнува професор Љубиша Кировски, претседател на СМУМ.

Дуо Кировски.
Дуо Кировски.

Обоистот Васил Атанасов, пак, смета дека тие како уметници на овој начин ќе бидат тотално деморализирани и без идеја за натпревар и за усовршување. Вели дека не бегаат од одговорноста и натаму да бидат амбасадори на македонската уметност во светот како и досега, но дека ресорното министерство и владата ќе мора да го слушнат и нивниот глас.

„Никој не е против да се плаќа данок. Знаеме и тоа дека мнозина работат на црно, но си има и надлежни институции коишто треба тоа да го спречат. Од тука сметам дека таа одлука и овој закон се преуранети и избрзани без да се согледаат сите последици коишто ќе ги сносиме сите заедно – и општеството и ние уметниците.
Васил Атанасов, обоист.

„Никој не е против да се плаќа данок. Знаеме и тоа дека мнозина работат на црно, но си има и надлежни институции коишто треба тоа да го спречат. Од тука сметам дека таа одлука и овој закон се преуранети и избрзани без да се согледаат сите последици коишто ќе ги сносиме сите заедно – и општеството и ние уметниците. А, уметниците се емотивци од најранливите категории кои бараат само малку поддршка за да дадат голем дел од себе“, вели тој.

Васил Атанасов, обоист.
Васил Атанасов, обоист.

Атанасов дополнува дека со ваквата одлука најмногу ќе бидат погодени токму младите музички уметници кои живеат единствено од хонорарниот ангажман и заклучува дека тие на овој начин не само што ќе ја изгубат волјата за напредување и развој како творци, туку реално ја губат и битката за гола егзистенција.

Основниот негативен ефект од овој закон е тоа што го обезвреднува нашиот труд. И онака нашите дотации се минимални, кога ќе се додадат овие нови законски давачки, тоа ќе биде една симболика којашто нè маргинализира во секоја смисла.
Тодор Светиев, музичар.

Професор Тодор Светиев, пак, забележува дека со законот се засегнати не само музичките уметници, туку и сите други профили коишто се поврзани со музичката дејност во земјава, како музичката култура, музичкото образование и музичката продукција.

„Основниот негативен ефект од овој закон е тоа што го обезвреднува нашиот труд. И онака нашите дотации се минимални, кога ќе се додадат овие нови законски давачки, тоа ќе биде една симболика којашто нè маргинализира во секоја смисла. На вакви закони коишто можеби нудат решенија за некој проблем, но генерираат уште поголеми проблеми не им е местото во нашето општество и би требало да се воспостави еден поконструктивен дијалог со сите фактори за сето тоа да се надмине, за да не мораме да излегуваме на улица или да држиме вакви трибини“, ќе рече Светиев.

Од друга страна, Љупчо Коскаров, професор во МБУЦ „Илија Николовски Луј“ и на Факултетот за музика и тонска продукција ЕСРА од Скопје, истакнува дека тие се уметници со сопствено достоинство, а не „свирачи“ како што често ги третираат и дека сакаат на овој начин, културно да го искажат своето незадоволство.

„Им порачувам на министерката и на премиерот дека поголем број на квалитетни луѓе од земјава кои макотрпно ја граделе својата кариера си заминаа. Дали треба, покрај добрите лекари, хирурзи, и уметниците да го следат тој чекор. Па, кој ќе остане во Македонија?“, прашува Коскаров.

Инаку, организаторите се оградуваат од евентуалното партиско обојување на трибината, потсетувајќи дека ниту еден од нив не е јавно определен за оваа или онаа опција, а на прашањето што понатаму ако ресорното министерство и власта останат глуви и неми на нивните заклучоци, тие велат дека ќе одат чекор по чекор и ќе ги применат сите легални инструменти во битката за остварување на своите права. Најнапред тоа планираат да го сторат под закрила на Независниот синдикат за култура во кој, како што велат, преминаа откако видоа дека „СОНК им го сврте грбот“, потем ќе продолжат со пишување писма до Европската и Светската федерација на музички уметници, а не ги исклучуваат новото излегување на улица, како и повторното организирање на јавни протестни концерти пред Владата на Република Македонија. Забележуваат дека се плашат оти е „можеби дојдено времето громогласно да се свири моцартовиот „Реквием“ пред зградата на Собранието“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG