Достапни линкови

Во Македонија протести на незадоволство од начинот на кој владата носи одлуки. Ако така продолжи, ситуацијата, предупредуваат упатените, би можела да се радикализира. Нови студентски протести најавени за в петок.

Третиот протестен марш против воведувањето на државниот испит ќе се одржи в петок во 14 часот, најавија од Студентскиот пленум. Тие на нивната Фејсбук страна напишаа дека не се откажуваат и ги повикаа сите засегнати страни да не дозволат монологот на Владата да продолжи. Ова е моментот кога треба да искажеме револт, не само поради лошите реформи, туку и затоа што сопствената држава без срам нè игнорира, дрско ни се потсмева, невешто не заокружува, се вели во соопштението.

Тоа претставува потценување на граѓаните, кога се смета дека извршната власт треба да носи одлуки во политиката без консултирање со пошироката јавноста.

Владимир Делов од Студентскиот пленум вели дека протестот е потсетник оти легитимитетот на носителите на власта е злоупотребен и истиот се појавува како барикада на нивната семоќност. Според него, најдобар чувар на општеството е свесното граѓанство и истото ги наметнува ограничувањата во однос на постапките на политичарите и создаваат стандарди до кои тие треба да се придржуваат.

„Мислам дека има проблем меѓу начинот на кој ние бараме да се носат политиките и политичарите од друга страна. Во овој момент, стандардите наметнати од граѓанството не се прифаќаат и не се прифаќа начинот на којшто граѓаните сакаат да се носат одлуките. Според мене станува збор за судир меѓу начинот на носење политики од долу нагоре и авторитарноста. Тоа претставува потценување на граѓаните, кога се смета дека извршната власт треба да носи одлуки во политиката без консултирање со пошироката јавноста“, вели Делов.

Наредниот чекор вообичаено во светот е голема радикализација на протестите којашто вообичаено води и кон насилство и којашто е крајно непожелна, меѓутоа којашто претставува крајно покажување на незадоволството на граѓаните од делувањето на една власт.

Не е прв пат Владата да остане глува за барањата и аргументите на граѓаните на протестите, како оние на АМАН против поскапувањата, на стечајците, против промената на ликот на ГТЦ и загадувањето, како и последните на хонорарците.

Професор Мирјана Најчевска вели дека владата најотворено покажува оти го напуштила демократскиот систем на владеење. Според неа, неводењето сметка за мислењето на граѓаните веќе не се задржува само на отсуството на јавна расправа пред донесувањето на законите.

„Не се состои само во потполно отсуство на партиципација на влијание на граѓаните врз политиките коишто ги креира владата, туку се состои веќе и во отворено пренебрегнување, отворено неводење сметка за јасно искажаното незадоволство на граѓаните од ваквиот начин на делување на владата и ваквиот начин на донесување на новите законски решенија“, вели Најчевска.

Таа додава дека следниот чекор е многу поголема масовност на протестите, а потоа откажување од паролата на демонстрантите дека не сакаат да бидат поистоветени со ниту една политичка опција.

„Наредниот чекор вообичаено во светот е голема радикализација на протестите којашто вообичаено води и кон насилство и којашто е крајно непожелна, меѓутоа којашто претставува крајно покажување на незадоволството на граѓаните од делувањето на една власт“, вели Најчевска.

Од Студентскиот пленум ги повикаа сите на протести за тие да бидат помасовни, побунтовни и покреативни, бидејќи заедно се посилни.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG