Достапни линкови

Борба за гледаност или за почитување на законот?


Македонската медиумска асоцијација демантира дека националните телевизии вршеле притисок одредени странски канали да се укинат од кабелските оператори.

Македонската медиумска асоцијација ги демантира како шпекулации информациите во јавноста дека под притисок на националните телевизии, одредени странски канали се симнати од телевизиските понуди на некои од кабелските оператори. Причината за овој чекор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги е тоа што нивното работење било спротивно со законските регулативи во земјава, велат од Македонската медиумска асоцијација.

Ние нити имаме право, нити имаме можност да влијаеме и да интервенираме во однос на програмскиот концепт и програмската шема на каналите што се емитуваат на таканаречените кабелски оператори.

„Ние нити имаме право, нити имаме можност да влијаеме и да интервенираме во однос на програмскиот концепт и програмската шема на каналите што се емитуваат на таканаречените кабелски оператори“, изјави Иван Мирчевски, директор на Канал 5 телевизија и претседател на ММА.

На прашањето која е причината поради која домашните компании се рекламираат на странски канали и дали можеби за тоа е пресуден квалитетот на програмата на домашните телевизии, реагира заменик претседателот на асоцијацијата и директор и главен и главен уредник на ТВ Телма, Атанас Кировски.

Светот одамна е глобално село, сите се рекламираат секаде. Тоа навистина е многу изнасилена теза дека домашните компании сакале да се рекламираат на странски телевизии, природно сакаат да освојат и странски пазари, и тоа го правеле затоа што не бил добар квалитетот на македонските телевизии. Значи, ваква натегната теза јас немам слушнато во животот.

„Светот одамна е глобално село, сите се рекламираат секаде. Тоа навистина е многу изнасилена теза дека домашните компании сакале да се рекламираат на странски телевизии, природно сакаат да освојат и странски пазари, и тоа го правеле затоа што не бил добар квалитетот на македонските телевизии. Значи, ваква натегната теза јас немам слушнато во животот“, вели Кировски.

Од медиумската асоцијација се уверени дека националните телевизии имаат доволно добра програма за да ги привлечат домашните компании да се рекламираат на тие телевизии. Мирчевски вели дека постојат показатели што покажуваат дека вкупната гледаност на петте национални телевизии во земјава е поголема од 65 проценти.

„Има репери, една е агенцијата Нилсен којашто прави истражувања на мерења на гледаноста, а второ, постојат најмалку два кабелски оператори коишто имаат можност да направат мерење на гледаноста на каналите и нашите информации за еден од нив велат дека во моментот овие пет телевизии прават заедничка гледаност од најмалку 65 проценти, а сите 100 останати канали прават заедно 35 отсто“, рече Мирчевски, а Кировски праша дали е тоа премалку.

Свое објаснување за оваа појава дава и долгогодишниот стопанственик Зоре Темелковски. Тој вели дека е тешко да се оцени која е крајната цел на компаниите кои решиле да се рекламираат на странските телевизии наместо на домашните.

„Немаме претприемништво па да цениме во тој дух што е позитивно, а што негативно и дали таа реклама има цел да освои нов пазар или само има цел да испере некакви пари коишто се надвор од финансиската контрола во државата. Или да земам да одам во друг правец на некоја искривеност дека нашите национални телевизии се премногу исполитизирани, па можеби има присутност, ама нема доверба“, вели Темелковски.

Кировски потенцира дека не се против тоа да има странски канали во македонските кабелски оператори. Напротив, вели тој, сакаме што е можно повеќе такви, но тие треба да ги почитуваат истите правила на игра кој важат и за домашните телевизии.

Од Македонската медиумска асоцијација велат дека веќе од следната година ќе понудат свои идеи и предлози за тоа што треба да се промени и унапреди во медиумскиот простор во земјава. Една од новините кои ги најавија е тоа што во земјава ќе се формира заеднички комитет на индустријата којшто како што велат ќе помогне околу правилното мерење на гледаноста на телевизиите во земјава.

Од Агенцијата посочија дека маркетиншкиот колач во земјата е премал за да овозможи продуцирање своја програма од страна на овие телевизии.

Од 1 јануари идната година, 40 отсто од програмата што ќе се емитува на националните телевизии треба да биде изворно создадена, а веќе од 2016 година тој процент ќе биде зголемен на 50.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG