Достапни линкови

Законот за државен испит мина низ владиниот филтер


Нема да има два државни испита, туку еден во два дела - во втората и во завршната година, за да се растоварат и студентите и Одборот за акредитација и евалуација. Пробен (пилот) државен испит една година пред да се воведе на факултетите, соопшти министерот Абдилаќим Адеми на денешната отворена владина седница.

- Втората година ќе бидат опфатени сите предмети кои до моментот на полагање ги има положено кандидатот, а вториот дел ќе биде во завршната и ќе бидат сите предмети кои не се опфатени во првиот дел на државниот испит. Ќе важи за студентите кои се запишале на прв односно на втор циклус, за студентите кои ќе се запишат во следната 2015/2016 академска година, рече Адеми.

Според предлогот, државниот испит ќе се полага четири пати годишно за да не се мешаат со редовните испитни сесии - на крајот на месеците февруари, април, август и ноември. Првите две полагања се бесплатни.

Државниот испит ќе содржи пет прашања, односно студии на случај од секој од задолжителните и изборните предмети. Нема да бидат опфатени 10-те отсто изборни предмети во рамки на универзитетот. Испитот ќе биде спроведен електронски, собазен на прашања.

Премиерот Никола Груевски истакна дека прашањата ќе бидат однапред познати и објавени. На предлог на универзитетите, прашањата ќе бидат предложени од самите професори, но ќе бидат селектирани од Одборот за акредитација и евалуација.

Покрај тоа што прашањата ќе ги прават факултетите, новина е и тоа што е намален од 70 на 60 процентот на точно одговорени прашања од вкупниот број предмети со кои испитот ќе се смета за положен.

- Државниот испит се смета за положен и ако студентот за 20 отсто од предметите постигнал најмалку 30 отсто од бодовите за секој предмет поединечно, но вкупниот збир на бодовите да не биде помалку од 60 отсто од вкупниот број предвидени бодови за сите предмети, рече Адеми.


XS
SM
MD
LG