Достапни линкови

„Љубојна“ - Музика, срцевина и сончевина на дланка


„Музика на дланка“ е насловена серијата концерти што ЉУБОЈНА, во деновите од престојниот викенд и на 27 декември, ќе ги одржи традиционално во Универзална сала во Скопје и во Н.У. Центар за култура во Битола. На нив Вера Милошевска Јосифовска и Оливер Јосифовски, со тајфата бројни соработници меѓу кои и џез-пијанистот Васил Хаџиманов, правејќи пресек на досегашното музичко творештво, ќе се обидат да ја одведат публиката до срцевината и сончевината на македонскиот музички јазик.

„Луѓето не прашуваат повеќе „Кога ќе има концерт?“, туку на почетокот од декември само кратко „Кога во Универзална?“. Значи врзани сме не само за термин, туку и за простор.“

Убави се тие концерти. Се создава многу убава атмосфера. Мислам дека секоја група, секој интерпретатор си го наоѓа најубавото место за контакт со публиката и неколку години по ред, овој период, тоа за нас е Универзална сала.

Вака Вера Милошевска Јосифовска ќе ја започне сторијата во пресрет на „традиционалниот концерт“ на ЉУБОЈНА во Скопје, кој наместо „еден“ поради големиот интерес на публиката се престори во „два едноподруго“ и сега веќе во убава серија предновогодишни настапи која ќе кулминира со перформансот закажан за 27 декември во Н.У. Центар за култура во Битола.

„Убави се тие концерти. Се создава многу убава атмосфера. Мислам дека секоја група, секој интерпретатор си го наоѓа најубавото место за контакт со публиката и неколку години по ред, овој период, тоа за нас е Универзална сала. И доволно голема и доволно интимна, но овојпат за нашата публика се покажа дека може да биде и претесна. Првиот концерт на наше големо изненадување и задоволство многу брзо и успешно се распродаде, па затоа бргу реагиравме и во недела, на 21 декември, ги чекаме сите оние кои не успеале да набават билети за претходниот ден“, вели таа.

Е, токму тоа ние сакаме да го покажеме преку нашиот музички јазик – дека македонската музика е дел од светската култура и музика.

А, Оливер Јосифовски ќе рече дека за секоја нова декемвриска средба со нивната публика тие се обидуваат да раскажат некоја своја интересна звучна приказна и да си отворат нова врата за патувањето до себе, до нивното творечко јас. Вели дека, во случајов, сите нивни албуми кои се различни по вид и по тематика некако се нашле на репертоарот за концертот збогатени со уште неколку песни кои молчешкум си ги сработиле, но и со музиките од албумот „Незгаснати огништа“ што летово го стокмиле како приватен проект посветен на семејството Маркови.

„Еве овие неколку дена ја склопувавме музиката и успеавме да го најдеме НЗС-то меѓу сите тие гитари, труби, брасови и перкусии и сето тоа изгледа многу богато, многу убаво, многу сончево...Изгледа уште повесело. Многу е отворено. Многу е опширно опфатена целата музика. Нашата карактеристична звучна слика е таа универзалност што сакаме да ја распостелиме и со која практично сакаме да докажеме дека и македонската музика е универзална музика. Дека тоа е музика која влегува во семејството на светските музики. Дека тое не е музика пикната во една дупка, затворена во една фиока, облечена во една носија и забрадена со една шамија. Македонската музика е светска музика. Е, токму тоа ние сакаме да го покажеме преку нашиот музички јазик – дека македонската музика е дел од светската култура и музика“, вели тој.

Јосифовски дополнува дека сите тие испреплетувања на инструментариумот збогатени со пребирањето на прстите на Хаџиманов по клавишите донесуваат многу возбудлива звучна слика. Вели дека сето тоа е „многу современо, многу модерно и многу сончево“.

Пејачката, пак, појаснува дека последниве концерти на ЉУБОЈНА се полн погодок и дека таа секому му посакува таква публика.

„Луѓе пред тебе да стојат простум и да пејат во еден глас со тебе, во една емоција цел концерт да протече, во еден здив...тоа е навистина многу убаво. Тоа е бескрајна радост.“

Запрашани што и како понатаму, кој пат ќе го одберат обидувајќи се да бидат и во иднина свежи, возбудливи и препознатливи, обајцата појаснуваат дека токму претстојните концерти ќе треба да им донесат и некои интересни сознанија каде да се насочуваат во потрагата.

Јосифовски вели дека најголемиот предизвик за секој творец на планетата е како да биде полн со идеи, како да каже нешто свежо, возбудливо. Истакнува дека на концертот имаат „пуштено“ неколку сонди кои ќе треба да го испитаат пулсот на публиката во однос на новите музики и дека потем ќе им се вратат на отворените папки во компјутерот за да видат кој пат ќе го фатат.

„Еден е патот на „Брас фантазија“. Во Истанбул издавачите и луѓето кои букираат концерти многу се заинтересирани за продолжувањето на тој проект на ЉУБОЈНА што подразбира дека најверојатно ќе треба да снимиме уште еден таков албум. Тргнавме и со еден акустичен опит во кој посегаме по презентирање на чалгаџиската традиција, свирење на градската македонска музика на чалгаџиски начин...и тоа нам лично ни се гледа многу интересно. Згора на тоа наскоро ќе почнеме да работиме и на уште еден авторски материјал кој е планирано да биде мешавина од се и сешто и ние навистина сме многу љубопитни како сето тоа ќе изгледа. Да сумирам, во 2015 година публиката ќе треба да очекува неколку продукти. Време е да продолжиме со испишување на новите страници од оваа книга именувана ЉУБОЈНА.“

А, Милошевска, од своја страна потенцира дека нејзе и е интересно каде се крие креативната мисла во музиката а тоа е дека секојпат е оставен простор кој ти можеш да го надградиш.

Забележува дека ние генерално сме живееле и живееме во традионално општество, а од друга страна имаме толку отворена музика. Потенцира дека ниту живеењето на народот, ниту мислата имале затворен концепт низ времето колку и да бил суров животот.

„И сега таква музика ви дава огромен простор, огромно поле за работа. Прво има што да се научи за да проговориш на тој јазик. Потоа тој јазик ти дава тебе толку многу можности што или ќе се изгубиш или ќе поминат години додека не се научиш каде да се фокусираш во потрагата. Тоа е навистина огромно поле. Јас жалам колку не сме свесни на што спиеме. Нашата почва е оплодена со таа музика. Вие немате жетва без музика...еве најбуквалистички. Таа не е само еден народ. Тука имате богатство на култури. И тоа не се само оние кои што ние ги знаеме само денес. Овде има народи, како Власи на пример кои живеат со векови. Од кога постои светот се тука. Имаме концентрат од култура. Тоа не е искористено. На светот сега не му е интересно ЉУБОЈНА да направи уште една „Песна за мојата песна“ или нешто во тој дух. На светот и на самите Македонци сега им е интересно она што не е истражено. Па земете како ни се обраќаат. Што е ЉУБОЈНА? Да не е „етно бенд“?! Ние не сме некои „Холанџани“ кои живеат во Македонија. Тоа ми дава до знаење дека не познаваме каде живееме. Ние не се знаеме. Секоја нова тема која ние ќе ја ставиме на носач на звук – тоа е ново од ЉУБОЈНА. Секоја песна што ќе ја обработиме на различен начин се доживува како нова песна. Од една страна тоа е убаво, затоа што е свежо и е во рамките на една формула која секој во светот ја користи. Од друга страна, народот има потреба да открива. Навистина незнае. Жалам што во овој век е така. Си мислевме дека 21 век е, дека ќе летаме со ракета а видете кај сме. За какво ново зборуваме? Светот не не познава, а ни ние самите се знаеме. Имаме време ние до новото. Навистина имаме време до новото“, вели таа.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG