Достапни линкови

logo-print

Путин го обвини Западот за градење нов Берлински ѕид


Рускиот претседател Владимир Путин го критикуваше Западот за кризата во Украина и за градење нови бариери со Русија

Проширувањето на НАТО кон Исток и американскиот антиракетен штит во Европа личи на градење нов Берлински ѕид, изјави рускиот претседател Владимир Путин на денешната редовна годишна конференција за печатот во Москва.

Според него, руската позиција во врска со Украина би требало да им каже на руските партнери дека тие би требало да прекинат да го градат тој ѕид.

Што и да направи Русија, секогаш е критикувана и наидува на неодобрување. Мечката секогаш се води на јаже.

Тој оцени дека ситуацијата во источна Украина е предизвикана од, како што рече, казнената операција предводена од украинските власти кои вовеле и економско ембарго против тамошните жители.

Според него, украинскиот претседател Петро Порошенко е за мирно решавање на кризата во Украина, но оти други сакаат да војуваат.

„Што и да направи Русија, секогаш е критикувана и наидува на неодобрување. Мечката секогаш се води на јаже“, оцени Путин.

Тој говореше и за сегашните финансиски проблеми во Русија предизвикани од падот на вредноста на рубљата.

„И покрај турбулентните финансиски пазари, приходите во државни буџет на Русија ќе бидат поголеми од трошоците“, изјави рускиот претседател Владимир Путин на прес конференцијата на која се гледа како еден од настаните кои имаат за цел да го портретираат како силен лидер и чувар на земјата.

Според него, сегашна економска ситуација во Русија главно била предизвикана од странски фактори и оти Централната банка презела адекватни мерки за решавање на кризата.

Високите каматни стапки нема да бидат долгорочни, наведе Путин, додавајќи дека владата би требало да преземе дополнителни мерки за обезбедување на финансиската стабилност.

Тој оцени дека сегашните проблеми за руската економија ќе траат уште две години, но оти тие брзо можат да бидат отстранети.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG