Достапни линкови

Березовски со Македонската филхармонија за јубилејот


„Го славиме јубилејот“ е насловен концертот со кој Македонската филхармонија, најстарата национална музичка институција во земјава, овој четврток, на 18 декември, во 20 часот во Македонската опера и балет, ќе ја одбележи 70-годишнината од своето основање и успешно уметничко делување. На програмата се две грандиозни дела од рускиот класик Петар Илич Чајковски, со оркестарот ќе раководи маестро Дмитри Лис, еден од најдобрите европски диригенти од неговата генерација, а солист ќе биде виртуозот на пијано Борис Березовски.

Македонската филхармонија, онака како што ѝ доликува на најстарата национална музичка институција во земјава, со голем славенички концерт ќе го одбележи својот јубилеј – седум децении од основањето и вишнеењето на домашната културна сцена.

На монографијата работевме цели четири месеци и притоа ја пишувавме онака како што самите сакавме да ја читаме, во есеистичко-публицистички манир.
Тина Иванова, музиколог.

Централниот настан, „Го славиме јубилејот“, е планирано да се одржи овој четврток, во 20 часот, во Македонската опера и балет и за него е подготвена славеничка програма во чии рамки ќе бидат изведени две грандиозни дела од рускиот класик Петар Илич Чајковски - Концертот за пијано и оркестар бр. 1 во b-moll, кој се смета за еден од најпопуларните не само од опусот на славниот композитор, туку воопшто во класичната музика, како и неговата романтична Петта симфонија во e-moll, која од познавачите е опишана како негов филозофски автопортрет.

Целта ни беше да го извлечеме најсуштинското, најважното, па и најатрактивното, дури и за оние читатели на кои музиката не им е животна определба.
Тина Иванова, музиколог.

Со оркестарот ќе раководи маестро Дмитри Лис, еден од најдобрите европски диригенти од неговата генерација, а солист ќе биде Борис Березовски кого критиката од поодамна го бележа како еден од најмоќните пијанисти на денешницата.

Роден 1969 година, рускиот уметник студиите ги завршил на Конзерваториумот „Чајковски“ во класата на Елисо Вирсаладзе, а се усовршувал со познатиот Александар Сац. По неговото деби во лондонскиот „Вигмор хол“ во 1988 година, „Тајмс“ ќе го окарактеризира како „уметник со исклучително ветување и пијанист со занемувачка виртуозност“. Две години подоцна тој своите квалитети ќе ги потврди на престижниот конкурс во Москва каде ќе му биде доделен Златен медал. Од тогаш започнува неговиот незапирлив од по светските сцени настапувајќи со врвни оркестри меѓу кои Њујоршката филхармонија, оркестарот „Филхармонија“ од Лондон, Ротердамската филхармонија и други.

Со рецитали и како камерен музичар, Березовски настапувал редовно на пијано-сесиите на Берлинската филхармонија, амстердамскиот „Концертгебау“ и „Ројал фестивал хол“, на фестивалот „Вербие“, а соработувал со инструменталисти како Џулијан Рахлин, Мајкл Колинс, Ралф Киршбаум и други. Во својата долга и плодна кариера снимил повеќе носачи на звук со изведби на дела на Шопен, Шуман, Рахмањинов, Равел, а меѓу нив се и оние на кои се забележани сите концерти на Лудвиг ван Бетовен во придружба на Шведскиот камерен оркестар.

Од друга страна, Дмитри Лис безмалку две децении е уметнички директор и шеф-диригент на Уралскиот филхармониски оркестар основан во 1936 година, еден од водечките, но и еден од најстарите оркестри во Русија. Тој дипломирал на Московскиот конзерваториум во класата на Дмитри Китајенко (прв човек на Московскиот филхармониски оркестар) за да потем раководи со повеќе значајни оркестри и стане главен диригент на Американскиот руски младински оркестар. Настапувал во САД, Јапонија, Англија, Кореја, Тајван, Германија, Швајцарија, Франција, Норвешка, Шведска, Италија, Полска, Хрватска, Словенија и како гостин диригент ги водел Рускиот национален оркестар, Московскиот филхармониски оркестар, Санкт Петербуршкиот филхармонискиот оркестар, КБС Симфонија (Кореја), Холандскиот радио-симфониски оркестар, Јаначек филхармонискиот оркестар (Чешка), Загрепската филхармонија, филхармонијата на Будимпешта, при што солисти биле Ростропович, Кремер, Плетнев, Марсалис, Третјаков, Суванаи и мнозина други славни имиња.

Инаку, во пресрет на славеничкиот концерт беше промовирана монографијата „70 години Македонска филхармонија“ што како ко-автори ја потпишуваат музиколозите Тина Иванова и Роза Нолчева Ангеловска. Станува збор за импозантно дело во кое безмалку на 300 страници е прикажан растежот на оваа наша национална институција.

„На монографијата работевме цели четири месеци и притоа ја пишувавме онака како што самите сакавме да ја читаме, во есеистичко-публицистички манир, без сирова статистика иако таа постои во самите приказни на нашите соговорници врвни музичари, проследувачи... Прашањето беше што да се стави во една книга од илјадници концерти и уште толку солисти и диригенти кои стапнале на подиумот на Македонската филхармонија. Целта ни беше да го извлечеме најсуштинското, најважното, па и најатрактивното, дури и за оние читатели на кои музиката не им е животна определба. Веруваме дека делото ќе биде јасен показател за растежот на оваа институција и во иднина веројатно ќе биде солидна база за сите оние што сакаат да истражуваат во оваа насока бидејќи навистина има за што да се пишува“, ќе забележи Иванова.

Кон ова само уште информациите дека Македонската филхармонија концертната 2014 година ќе ја заврши со уште два значајни настани. На 21 декември (недела) во Универзалната сала во 12 часот, Филхармонијата ќе го одржи традиционалниот Новогодишен симфониски концерт за најмладите, кој ќе донесе убава музика и возбудлива приказна. И овој пат, аниматор е миленикот на детската публика, Мартин Јордановски. Три дена подоцна, во Македонскиот народен театар, во 20 часот, нашиот национален ансамбл ќе одржи и празничен џез-концерт со стандарди аранжирани за голем оркестар чиј солист ќе биде Марија Димитриевиќ.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG