Достапни линкови

Пат околу светот премиерно во Театарот за деца и младинци


„Пат околу светот“ е насловена претставата што во драматизација и режија на Бојан Трифуновски премиерно ќе биде изведена оваа среда, на 17 декември, во 19 часот, во Националната установа Театар за деца и младинци – Скопје. Во оваа пиеса за пријателството, етичноста и љубовта играат актерите Бојан Кирковски, Владимир Лазовски, Татјана Павловска – Кочовска, Ненад Митевски, Катарина Илиевска Силјановска, Изабела Новотни и други.

Пријателството е најголемиот изум на нашата цивилизација. Љубовта е најмоќната сила на планетата. Ова се најважните пораки од претставата, која ги прикажува нашите херои Паспарту и Филијас Фог во брза и динамична авантура околу светот за 80 дена. Хуморот и музиката се носители на пораките за одговорност, верност и принципиелност во време на распаѓање на моралот, војни и неизмерна алчност.

Дал си во Индија, во Кина, секаде луѓето се тажни, секаде има војна, секаде има недостаток на човечки права и секаде нашите херои Филијас Фог и Паспарту со својата етичност и со својата љубов и со своето пријателство се обидуваат и успеваат да свртат нов лист на тие тажни и од различни работи заболени места.

Ова ќе го запише режисерот Бојан Трифуновски во текстот за претставата „Пат околу светот“ што премиерно ќе биде изведена оваа среда, во 19 часот, во Театарот за деца и младинци во Скопје.

Тој, како автор на драматизацијата на култниот роман на Жил Верн, вели дека писателот го оставил светот со силна порака за критика на империјалистичка Англија и со прошетки само по кралските колонии. Вели дека ние денес сме колонизирани од друга сила, а тоа е моќта која не познава идеологија и која не сфаќа дека сите имаме иста биологија.

Тој е човекот што ме натера хоби во животот да ми биде научна фантастика, а овој роман е најмалку научна фантастика од сите негови, всушност е најфантастичен.

„Зашто е таква апсурдна ситуацијата, јас решив да напишам еден „Пат околу светот“ каде што светот во основа и нема некоја голема разлика. Дал си во Индија, во Кина, секаде луѓето се тажни, секаде има војна, секаде има недостаток на човечки права и секаде нашите херои Филијас Фог и Паспарту со својата етичност и со својата љубов и со своето пријателство се обидуваат и успеваат да свртат нов лист на тие тажни и од различни работи заболени места. Пред сè од желба за повеќе пари и за моќ. Живееме во ерата на самрак на една цивилизација и овде во Театарот за деца и младинци е најважно на почетокот да се фати и да се испрати главната, најважната порака воопшто во театарот – младите луѓе да веруваат во магија и во еден подобар свет“, ќе рече Трифуновски, кому по хит претставата „Пипи долгиот чорап“ ова му е втора режија во Театарот за деца и младинци.

Тој дополнува дека направил дури пет верзии на драматизацијата и дека Верн му е омилениот автор и творецот поради кој го засакал жанрот научна фантастика.

„Тој е човекот што ме натера хоби во животот да ми биде научна фантастика, а овој роман е најмалку научна фантастика од сите негови, всушност е најфантастичен. Ме привлече фактот што овој роман е најпреработуваното негово дело, само во англиското говорно подрачје драмата е поставувана 720 пати, а според IMBD има 17 филмски верзии на основата на текстот. Затоа предизвик ми беше да направам наша приказна, за наше патување околу светот, светот погледнат инаку од нашава глувчешка дупка“, вели режисерот.

„Пат околу светот“ е четвртата и последна премиера на Театарот за деца и младинци во оваа календарска 2014 година и таа е продолжение на серијата на драматизации на лектири за учениците во основните училишта започната во 2012 година, а во рамките на која досега беа поставени „Грдото пајче“, „Пипи долгиот чорап“ и „Оливер Твист“. Драган Довлев, директорот на оваа наша национална институција, забележува дека на овој начин со поставување на четиво кое е лектира за седмо одделение и тие се обидуваат да ги привлечат децата од погорните класови да дојдат во театар.

„Не само нашиот театар туку и сите други театри за деца и за млади во светот имаат проблем да ги натераат тинејџерите, оние на возраст од 12-13 години да дојдат во театар. Па еве и со овој проект, покрај „Оливер Твист“ што го режираше Срѓан Јаничиевиќ, ние ним им нудиме содржина плус за да бидат наши почести гости“, вели Трифуновски.

Инаку во пиесата, од вкупно 16 вработени актери во Театарот (за кој патем Трифуновски знае да каже дека е „хиперинтелигентна и хиперспособна театарска трупа“) играат дури 13, што практично подразбира дека „Пат околу светот“ е една од најголемите продукции што ја потпишува овој колектив. Притоа улогата на Паспарту ја толкува младиот Бојан Кирковски, Филијас Фог е искусниот Владимир Лазовски, Жозафина Олдбор/Бомбица Слатка/Ѓоамоти Џејн – Татјана Павловска Кочовска, а тука се и актерите Ненад Митевски, Катарина Илиевска Силјановска, Изабела Новотни, Предраг Павловски, Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Емра Куртишова, Винета Дамчевска, Ана Левајковиќ Бошков и Мартин Јордановски.

Конечно, сценографијата во претставата е на Срѓан Митровиќ и Кирил Василев (кој бил задолжен и за реквизитите), костимографијата на Искра Џокиќ, а музиката на Џијан Емин.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG