Достапни линкови

ЕУ многу изненадена од Ердоган


ЕУ повторно изненадена од Ердоган
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:38 0:00

Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини која остро го критикуваше апсењето новинари во Турција, изјави дека била изненадена од реакцијата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Тој вчера и порача на ЕУ - „да си ја гледа својата работа“.

„Многу сум изненадена, бидејќи кога во минатата недела бев во Турција разговаравме многу конструктивно како да се тргне напред во односите меѓу Европската унија и Турција“, изјави Федерика Могерини на прес конференција во Брисел.

„Би сакала да ја искористам можноста да го искажам сето мое, а мислам и на сите присутни министри, личното и емоционално сочувство до сите луѓе кои се вклучени во оваа многу шокантна епизода“, рече Могерини.

Турската антитерористичка полиција во неделата спроведе рации во 13 градови и уапси најмалку 27 луѓе, главно новинари. Меѓу нив е и Екрем Думанлија, главен уредник на тиражниот опозициски весник „Заман“. Тој е близок на муслиманскиот верски лидер Фетула Ѓулен, жесток опонент на Ердоган кој живее во Соединетите држави.

Многу сум изненадена, бидејќи кога во минатата недела бев во Турција разговаравме многу конструктивно како да се тргне напред во односите меѓу Европската унија и Турција.
Федерика Могерини, шефица на европската дипломатија

Европската унија веднаш ја осуди ваквата акција на турската полиција, оценувајќи ја како спротивна на европските вредности што треба да ги почитува и Турција која сака да влезе во Унијата.

Во соопштението Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, оценија дека реациите се неспоиви со слободата на печатот. Тоа наиде на жестоки критики од претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган:

„Европската унија не треба да интервенира во чекорите што се преземени од страна на турските безбедносни сили во рамките на владеењето на правото против елементите што се закануваат на нашата национална безбедност. Тие треба да си ја гледаат својата работа.“

Се прашувам дали оние што оваа земја 50 години ја држат на прагот на Европската унија знаат што овој чекор навистина значи?
Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција

Ваквиот коментар на Ердоган се заканува дополнително да ги расипе врските меѓу Унијата и Турција, веќе заладени поради иритацијата на Анкара околу она што го смета за замајување од страна на Брисел во врска со турското зачленување во Европската унија.

„Се прашувам дали оние што оваа земја 50 години ја држат на прагот на Европската унија знаат што овој чекор навистина значи?“, порача Ердоган.

Разговорите за пристапување на Турција продолжија лани, по тригодишен целосен прекин, но во последно време односите меѓу двете страни постојано се заладуваат особено поради европските критики за авторитарниот стил на владеење на Ердоган.

Американскиот Стејт департмент побара од Турција да обезбеди последните рации во медиумите да не ги крши турските демократски основи.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG