Достапни линкови

logo-print

Рок поемата „Седумте пеења на пророкот“ премиерно на Рок фест


Јаков Дренковски.

Јаков Дренковски.

Настаната во далечната 1987 година, рок поемата „Седумте пеења на пророкот“, чии творци се писателот Љубомир Грбевски Џери и музичарот Јаков Дренковски, конечно ќе ја доживее својата премиерна изведба. Перформансот на делото, кое говори за „милениумската константа на тиранијата на владетелите врз потлачените“, е планирано да се случи на 18 декември, на втората ревијална вечер од годинешното јубилејно 30-то издание на „Рок фест“.

Рок поемата „Седумте пеења на пророкот“, чии автори се Љубомир Грбевски Џери и Јаков Дренковски, по цели 27 години од настанувањето, конечно ќе ја доживее својата премиерна изведба. Перформансот на ова дело базирано на милениумската константа на тиранијата на владетелите врз потлачените е планирано да се обистини на втората ревијална вечер од годинешното јубилејно 30-то издание на „Рок фест“, што на 16 и 17 декември ќе се одржи во Младинскиот културен центар во Скопје.

Рок поема помалку или повеќе долго речиси беше заборавена од мене како автор. Арно ама современово опкружување, она што нам ни се случува, ме потсети дека тие стихови можат и тоа како да звучат и автентично и актуелно.

Авторот Грбевски, во пресрет на првата јавна изведба на делото, вели дека тоа обработува една класична приказна од историјата за односот на власта, на тираните кон онеправданите, потлачените, кон народот.

Љубомир Грбевски Џери.

Љубомир Грбевски Џери.

„Рок поема помалку или повеќе долго речиси беше заборавена од мене како автор. Арно ама современово опкружување, она што нам ни се случува, ме потсети дека тие стихови можат и тоа како да звучат и автентично и актуелно. Заклучив дека оваа поема, музички и текстуално, може да побуди многу интересни реакции кај слушателите. Таа звучи безмалку како да е пишувана сега и овде“, вели Грбевски.

Не сакајќи да отстапам од таа идеја што веќе прозвуче, се разбира благодарение на самиот текст кој мене лично ми понуди музика, консултирајќи се со Џери, продолжив трпеливо за да стигнам конечно до крајот на седмото пеење или до „Танцот на зората“.

Појаснува дека од моментот кога ја реоткрил во некоја од папките со текстови во својот компјутер во 2012 година, едноставно немал мир додека не му ја пратил да ја „озвучи“ на својот пријател и соработник Јаков Дренковски, со кого ги имаат потпишано сите негови досегашни дискографски објави и кој тогаш времено престојувал во Дубаи.

Дренковски, пак, забележува дека текстот го освоил уште при првото читање, но дека долго размислувал како да им пријде на стиховите и пораката што тие во себе ја носат.

„Јас тогаш во себе се вратив кон оние стари мајстори, мои учители, КИНГ КРИМСОН, ЛЕД ЦЕПЕЛИН, ЏЕТРО ТАЛ, кои зад себе во творештвото имаат компонирано рок поеми и тогаш се потсетив на еден штим кој е сосем различен од класичниов италијански и се обидов малку да го истражувам за да видам што би правел понатаму. Така некако едно утро се роди една мала идеја, прозвуче нешто што ми стана водилка по која сакав да се движам до целта. Не сакајќи да отстапам од таа идеја што веќе прозвуче, се разбира благодарение на самиот текст кој мене лично ми понуди музика, консултирајќи се со Џери, продолжив трпеливо за да стигнам конечно до крајот на седмото пеење или до „Танцот на зората“, вели Дренковски.

Музичарот дополнува дека првата проверка на рок поемата се случила сосема случајно во Дубаи, во студиото на телевизијата „Аџма“, каде гостувал со некои тамошни музичари при што ја искористил приликата да го сними материјалот. Вели дека притоа демо верзиите ги слушнал некој режисер што таму го завршувал својот документарен филм и кој воодушевен од она што го чул го замолил дел од музиката да искористи и за своето остварување. Конечно, документарецот добил прва награда на некој од азиските филмски фестивали, а Дренковски убеден дека со Грбевски се блиску до пожелувана цел по враќањето дома се решава „Седумте пеења на пророкот“ конечно да ѝ ги претстави на македонската публика.

Интересно е и тоа што ова 25-минутно музичко-поетско-сценско дело при чии идни изведби ќе бидат вклучени и други музичари и еден актер, а кое е планирано наредната година да биде документирано на носач на звук, и не е единственото неизведено во архивата на овие творци. Имено, Дренковски, Грбевски и Данаил Дарковски (композитор, басист во легенадарните „Пу“, „Чуден крој“ и „Јаков“...) се автори и на рок-операта „Житието на сликарот“, која, за жал, иако собрала одлична екипа на пејачи, актери и други уметници, никогаш не ја доживеала својата праизведба.

„Тоа е нашата 35-годишна болка на душата. Тогаш стигнавме и до сценски проби, но немавме среќа работите до крај да ги дотуркаме. Сепак, никогаш нема да се откажеме од таа идеја. Се разбира во тој случај би вклучиле млади пејачи, актери, режисер, оти тие што некогаш требаше да ја изнесат на виделина сега ја грицкаат шестата деценија од животот“, истакнува Грбевски.

Инаку, по тригодишна пауза, ќе се случи и јубилејното 30-то издание на „Рок фест“, манифестацијата која своевремено настана под закрила на магазинот „Екран“ и која долго беше едно од ретките субкултурни случувања на кои се пројавуваа младите и авангардни сили на Македонската рок сцена. Од кавадаречките „Токму така“, преку „Автограм“, „Мизар“, преку „Бадмингтонс“, „Архангел“, „Ласт експедишн“, „Санаториум“, „Зијан“, „Ареа“, „Д`Далтонс“, „Културно-уметнички работници“, „Верка“ и други.

Со идеја за враќање на старите патеки, овој пат на натпреварувачката вечер во МКЦ ќе свират „Палиндром“, „Колт“, „Смоук шејкерс“ „ТВ Рејџ“ и „Визија“ со „Серпентин фајр“ како гости, а ден потоа во ревијалниот дел покрај Јаков Дренковски и скопската „супер група“ именувана како „Барбарела“ и битолските бендови „Памперс“ и „Најн викс“. Организатор на случувањето овој пат е „Баги комуникации“, настанот е подржан од Министерството за култура, а влезот за сите концерти е слободен.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG