Достапни линкови

logo-print

Дрска шлаканица за колективниот ум на нацијата


Одлуката на владата за државен испит е удар, не само за секој факултет поединечно, туку за целата академска заедница, вели професор Билјана Ванковска. Професор Гордана Попсимонова вели дека тие ќе продолжат да се борат против одлуката.

Дрска шлаканица за колективниот ум на една нација. Вака ја коментираат професорите одлуката на владата која го усвои предлогот за воведување на државниот испит.

Ми се чини дека ваквата нестрпливост да се реагира што поскоро, не само што е знак на ароганција, меѓутоа веројатно постои и страв дека самите студентски протести, активизам, па и професорските одговори кои веќе почнаа да стасуваат во негативна форма, можат да ексалираат.

Минатата недела студентите, професорите и средношколците излегоа на протестен марш против најавената реформа во високото образование. Неколку факултети како Правниот и Факултетот за драмски уметности веќе го отфрлија предлогот, а повеќето сè уште не се изјасниле.

Професор Билјана Ванковска вели дека таквата одлука е удар не само за секој факултет поединечно, туку за целата академска заедница.

„Ми се чини дека ваквата нестрпливост да се реагира што поскоро, не само што е знак на ароганција, меѓутоа веројатно постои и страв дека самите студентски протести, активизам, па и професорските одговори кои веќе почнаа да стасуваат во негативна форма, можат да ексалираат. На овој начин се демонстрира, прво дека не нè почитуваат, дека тотално нè деградираат, а потоа и дека имаат политичка моќ да донесат решение какво што тие сакаат“, вели Ванковска.

Ќе бидеме гласни, ќе бидеме упорни, ќе се трудиме да го кажеме јасно и гласно својот став.

Професор Гордана Попсимонова вели дека очигледно има недоразбирање помеѓу владата, Министерството и факултетите, бидејќи од нивна страна јасно било кажано, оти не го прифаќаат предлогот.

„И покрај тоа, концептот евидентно останува во игра, ќе се обидат со јавни дискусии да го добијат саканото од оној мал дел на академската заедница што го поддржува ваквиот начин на тестирање, да внесат евентуално некакви промени, меѓутоа, за жал, мислам дека ќе си влезе во сила тој сет на мерки во кој влегува и државниот испит“, вели Попсимонова.

Според Ванковска, приказната за демократска дебата која допрва ќе следува е само замајување.

„Мислам дека за ваквиот чин би требало да реагираат ректорите или интеруниверзитетската конференција, вака ние со поединечни ставови не можеме доволно да ја изразиме нашата индигнација“, вели таа.

Попсимонова смета дека ако постоел простор за дебата тоа требало да се направи пред усвојување на предлогот, сега сè понатаму е поларизација на ставовите. Но, според неа, тие ќе продолжат да се борат.

„Ќе бидеме гласни, ќе бидеме упорни, ќе се трудиме да го кажеме јасно и гласно својот став“, вели Попсимонова.

Ванковска додава дека целиот пакет на мерки кој ги усвои владата покажува намера да се замагли суштината на државниот испит и да се делегитимираат сите ставови за неговото воведување, односно станува збор за јасен политички спин.

Од Студентскиот пленум велат дека ќе имаат средба денеска или утре на која ќе одлучат какви мерки ќе преземат понатаму.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG