Достапни линкови

Студентскиот протест во фокусот на неделниците


Масовниот втор студентски протест во Скопје, но и во други градови во земјава, е главна тема во неделниот печат.

Разбирливо и очекувано, масовниот втор студентски протест во чии редови се собраа и професори и средношколци, но и обични граѓани и пензионери, е главна тема во неделниците.

Паралелно со будењето на граѓанскиот дух на солидарноста или со пркосот на една категорија каква што се студентите, следува и дефинитивната смрт на македонската политика, било во форма на власта или на опозицијата.
Глобус.

Глобус - Браво за граѓаните и студентите, уа за политиката, власта и опозицијата

„Браво за граѓаните и студентите, уа за политиката, власта и опозицијата“, извикува колумнистот во Глобус, кој покрај другото забележува конечно појавување на граѓански фронт во Македонија, кој, вели, не е за потценување. Едновремено, неделникот констатира дека паралелно со будењето на граѓанскиот дух на солидарноста или со пркосот на една категорија каква што се студентите, следува и дефинитивната смрт на македонската политика, било во форма на власта или на опозицијата. Авторот забележува дека на ова раководство на опозицијата му биле потребни помалку од две години да го дотепа и да ги погребе политичкиот протест и политичката акција и дека политиката се покажува како крајно поразена, делигитимирана, граѓаните се чувствуваат и се суштински непретставени, никој не им верува на политичарите и на партиите. Ваквата еволуција не е нешто лошо, но проблемот, според Глобус, е што уште сме во фазата на акутно освестување од хипнозата на режимот, без во исто време опозициската политика да се регенерира или да се наметне како двигател на промени. Проблемот е во тоа што утре, и да си отиде оваа власт, нема кој да ја замени, има нешто луѓе, колку да се сменат ликовите, но нема политичари и политика, пишува покрај другото Глобус, за да препорача граѓаните да имаат поголема контрола над власта и политиката, а не политиката да има повеќе контрола над граѓаните.

Република - СДСМ се обиде да го присвои студентскиот протест

Студентски отпор
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:22 0:00

Република и во уводникот и во рубриката „Настани на неделата“ оди со тезата дека опозициската СДСМ, откако увидела дека студентскиот став може да ѝ направи штета на владината политика, се обидела да го присвои и со тоа да го уништи. За неделникот е проблематично појавување на протестот на, како што пишува, „добро познати лица под контрола на опозицијата или, пак, активни пратеници на опозициската коалиција“. И, Република повторно ја повикува СДСМ да се врати во Собранието ако толку сакала да им помогне на студентите.

Прашањето што ќе си го постават на Илинденска ќе биде каде згрешивме.
Фокус.

Фокус - Студентите си ја сфатија работата ептен сериозно

„Студентите си ја сфатија работата ептен сериозно!“, забележува Фокус во својата воведна колумна. Прашањето што ќе си го постават на Илинденска ќе биде каде згрешивме, а за да не се мачат многу со барањето одговор, ќе се обидеме да го пронајдеме ние, пишува уводничарот. Па продолжува дека одговорот веројатно лежи во искреноста во пристапот кон реформите, чија цел, како што може да се види, не беше да се создаде поквалитетно образование, ами да се урниса црвената професорска буржоазија и на нејзино место да се постави нова, преродбеничка, смета Фокус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG