Достапни линкови

Политичка криза која никој не сака да ја реши


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Политичката криза во Македонија трае веќе седум месеци. Најголемата опозициска партија повеќе од половина година е надвор од Собранието, нема политички дијалог, во отсуство на опозицијата се туркаат и уставни измени и промена на државниот грб. Едно од главните прашања е дали има излез од оваа состојба и какви ќе бидат последиците од ваквата статус кво ситуација.

Во изминатава недела речиси ниту една кафеана или куќна слава не беше поштедена од долгочасовните дебати посветени на владиниот предлог за измена на државниот грб и за протестот на студентите. За првата тема се судираа мислења на „југоносталгичари“ и „антички Македонци“, односно „комуњари“ и „ патриоти“. Владиниот предлог за промена на државниот грб ги раздвижи сите, а „црвениот разгневен лав на златно-жолт штит со круна во горниот дел“ ги разбуди домашните и странските хералдичари, историчари, експерти по општа култура, а се разбира и по посебна.

Ако сте способни организирајте еден митинг, не се кријте зад децата, смислите некоја причина - организирајте митинг, што се плашите толкави мажи, се криете зад децата.

Додека, пак, за втората тема се судираат мислењата на кафеанските стратези од позицијата и опозицијата на маса, а богами и под неа. Но, со протестите се отвори надеж дека во земјава сè уште има младина којашто размислува и се бунтува, а со тоа и може да го поведе општеството напред.

Но, во меѓувреме, со овие две теми се разжестија и партиските препукувања, партиите преку грбот на студентите и државниот грб си припишуваа херојски и патриотски дела, докажувајќи кој повеќе го сака народот. Власта горделиво на социјалните мрежи се фалеше со новиот изглед на пасошите, а ја караше опозицијата зашто се крие зад, како што рече, премиерот Никола Груевски, „децата“.

СДСМ јавно се сили, се расфрла, се заканува, ги нуди своите оставки, а тајно и дискретно многу често знаат да пратат пораки до нас дека не би сакале мандатите да бидат одземени или да бидат констатирани оставките.

„А бе, ако сте способни организирајте еден митинг, не се кријте зад децата, смислите некоја причина - организирајте митинг, што се плашите толкави мажи, се криете зад децата. Ќе ги заштитуваат да не полагаат државен испит“, рече премиерот Груевски.

Опозицијата, од друга страна, пак, мафта со документи и видеа за фалсификувани пасоши и криминал со машини за правење на патни исправи.

Сè што треба Трајко Вељаноски да направи е да ја продолжи седницата што ја прекина во мај, ништо повеќе.

И додека власта и опозицијата си префрлаат преку медиумите, политичкиот јаз се продлабочува, опозицијата веќе седум месеци е надвор од Собранието, а за тоа време наместо за кризата се дебатираше за тоа дали пратениците на СДСМ земаат плата иако си поднесоа оставки и зошто претседателот на Собранието Трајко Вељаноски не закажува седница за верификување на нивните оставки.

„СДСМ јавно се сили, се расфрла, се заканува, ги нуди своите оставки, а тајно и дискретно многу често знаат да пратат пораки до нас дека не би сакале мандатите да бидат одземени или да бидат констатирани оставките“, изјави неодамна Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Сакам да ги повикам сите политички партии да водат политичка дебата во парламентот, а не надвор од него и сакам да ја видам опозицијата назад во парламентот.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев, пак, обвини дека власта безочно лаже.

Јоханес Хан.

Јоханес Хан.

Од СДСМ велат дека не се откажуваат од бојкотот и дека досега ги презеле сите можни чекори за да го докажат тоа.

Јас не верувам дека странците пак ќе се експонираат, да влезат во таква консталација, како што влегоа со мартовскиот договор, баш поради тоа што имаше проблем при имплементацијата на тој договор, сепак тие гледаат и на својот политички кредибилитет.

„Оваа привидно држење на пратениците на СДСМ во пратеничкиот состав е правна сплетка која што си ја измислија ВМРО-ДПМНЕ и Трајко Вељаноски, а во меѓувреме никој од нив не се обидува воопшто да размисли и да каже дека сè што треба Трајко Вељаноски да направи е да ја продолжи седницата што ја прекина во мај, ништо повеќе“, вели портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

И додека тие се караат за тоа кој лаже и краде, меѓународниот фактор порачува што побргу да се надминат разликите и опозицијата да се врати во Парламентот, но тоа како да не допира до ушите на оние кои им е наменето.

Доста црно е сценариото за Македонија, но тоа е реалната ситуација. ЕУ со самото тоа што држи неутрална позиција и инсистира само на стабилноста, а не на демократијата, фактички ѝ прави мечкина услуга на Македонија, а не ги унапредува самата евроинтеграциите во земјата.

Еврокомесарот за проширување на Европската унија, Јоханес Хан, го најави своето доаѓање во Македонија за наредниот месец и ги повика сите политички партии да ја вратат дебатата во институциите.

„Сакам да ги повикам сите политички партии да водат политичка дебата во парламентот, а не надвор од него и сакам да ја видам опозицијата назад во парламентот“, рече Хан.

ВМРО-ДПМНЕ комотно се однесува зашто смета дека докрај ја поразиле опозицијата. Од друга страна, пак, опозицијата бара клуч како да ја освести власта и како да се освести сама себеси и единственото што им останува е бојкотот. Не треба да се заборави дека бојкотот сепак е политичко делување кога се исцрпени сите други начини.

По ваквите изјави на меѓународниот фактор, аналитичарите стравуваат дека може да се случи сценарио слично на ланскиот мартовски договор, меѓународната заедница да испрати „булдожери“ коишто директно би ги поттикнале политичарите да го решат проблемот. Дел од политичките аналитичари, пак, не се согласуваат со можно „мартовско“ сценарио.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека овој пат странците нема да си го ризикуваат својот политички кредибилитет како лани.

„Јас не верувам дека странците пак ќе се експонираат, да влезат во таква консталација, како што влегоа со мартовскиот договор, баш поради тоа што имаше проблем при имплементацијата на тој договор, сепак тие гледаат и на својот политички кредибилитет“, вели Муслиу.

Можеби Заев мисли дека со самото тоа што се надвор од Парламентот ќе предизвика предвремени избори, што е тотален нонсенс.

Тој додава дека решение е можно само доколку за тоа има волја и храброст.

„Да не преговараат преку медиумите, туку да седнат и да се договорат, да дојдат до едно решение кое ќе биде прифатливо за двете страни, да дојдат до еден компромис, а никој не може нас како општество да нè убеди дека решение не постои, апсурдно е. Тоа не е ненадминлив проблем, ниту е проблем на кој не му се наоѓа решение, туку треба да седнат, да се договорат и тоа да го имплементираат“, додава Муслиу.

Социјалдемократскиот сојуз во минатото обелоденуваше доста афери и завршницата сите ја знаете многу добро. Успешноста на тоа што ќе се случува е исто така наша обврска. Моментот кога ќе бидеме уверени во успешно сценарио на тоа што ќе го правиме, во самиот тој момент ќе ја споделиме вистината со граѓаните.

Според професор Здравко Савески, во овој момент нема подготвеност ниту кај опозицијата, ниту кај власта, да ги надминат несогласувањата и да го обноват дијалогот. Тој вели дека е добро да се има политички дијалог, но потребна е и демократија за тој да се одвива, па оваа ситуација очекува само продлабочување на јазот.

„Доста црно е сценариото за Македонија, но тоа е реалната ситуација. ЕУ со самото тоа што држи неутрална позиција и инсистира само на стабилноста, а не на демократијата, фактички ѝ прави мечкина услуга на Македонија, а не ги унапредува самата евроинтеграциите во земјата“, вели Савески.

Македонија воопшто нема намера да оди по патот на демократски промени и може да доведе до ситуација да биде политички изолирана од меѓународната сцена, а политичката изолација на меѓународна сцена за една држава значи политичко самоубиство.

Иако имаше средби меѓу претседателите на двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев, не се дојде до решение на проблемот. Потоа следуваа информации за преговори зад сцената со посредник од Европската унија, но и тие засега не донесоа резултати. Професор Алајдин Демири вели дека немањето волја за решавање на политичката криза е резултат на главниот политички концепт на делување во Македонија, а тоа е, не како да се победи, туку како да се уништи противникот.

„Во склоп на овој концепт, денеска ВМРО-ДПМНЕ комотно се однесува зашто смета дека докрај ја поразиле опозицијата. Од друга страна, пак, опозицијата бара клуч како да ја освести власта и како да се освести сама себеси и единственото што им останува е бојкотот. Не треба да се заборави дека бојкотот сепак е политичко делување кога се исцрпени сите други начини“, вели Демири.

Од друга страна, политичкиот аналитичар Владимир Божиновски вели дека не може да се очекува решавање на политичката криза кога опозицијата бара техничка влада. Таков преседан би значел дека во иднина секој што ќе изгуби избори ќе бара техничка влада, вели тој.

„Во моментот кога ќе се тргне тој услов од страна на СДСМ, односно на Зоран Заев, тогаш веќе преговорите ќе бидат откочени. Сè додека постои тој услов едноставно не може да се очекуваат некакви преговори или некаква иницијатива. Можеби Заев мисли дека со самото тоа што се надвор од Парламентот ќе предизвика предвремени избори, што е тотален нонсенс“, вели Божиновски.

Наместо дијалогот за решавање на политичката криза, во фокусот на односите меѓу власта и опозицијата дојде најавената „бомба“ од СДСМ која, според нивните најави, треба да предизвика политички земјотрес. Откако по најавите поминаа два месеца, Заев дообјасни, дека сè уште не се создадени услови за активирање на „бомбата“.

„Социјалдемократскиот сојуз во минатото обелоденуваше доста афери и завршницата сите ја знаете многу добро. Успешноста на тоа што ќе се случува е исто така наша обврска. Моментот кога ќе бидеме уверени во успешно сценарио на тоа што ќе го правиме, во самиот тој момент ќе ја споделиме вистината со граѓаните“, рече Заев.

Дел од аналитичарите сметаат дека заканите со политичка „бомба“ се само начин на Заев да го натера Груевски на преговори, но други велат дека лидерот на опозицијата не смее да се пазари со евентуални инкриминирачки докази за власта, зашто така би станал нејзин соучесник. Нашите соговорници се скептични дека најавената опозициска „бомба“ може да предизвика поголем политички потрес.

„Не знам што има Заев како бомба. Денеска тие бомби тешко функционираат зашто власта целосно го узурпираше политичкиот и општествениот живот, па ако сакате и судството“, вели Демири.

Толку долга политичка криза во земјава немало одамна, вели политикологот Соња Стојадиновиќ. Таа објаснува дека ваквата ситуација ќе има големи последици.

„На внатрешен план во поглед на политичката криза имаме дерогација на демократскиот процес на државата кој и претходно беше во процес на стагнирање, а сега е тргнат во процес на дерогација, имаме и исклучено влијание на демократскиот процес, на дискусијата, на јавните дебата, на сите тие одлуки и закони и процеси кои ги носи државата. Имаме и отсуство на критичко мислење кое може да биде во корист на граѓаните“, вели таа.

Стојадиновиќ вели дека ако продолжи кризава може да има и економски последици.

Во овие седум месеци пратениците од владејачкото мнозинство вредно „гласаа“ за многу законски измени коишто од Нова година ќе влијаат врз џебот на граѓаните. Беа донесени законски измени за хонорарците, за нерегистриран дејност, за фискална дисциплина, се предвидоа и затворски казни за компаниите кои нема да издаваат задолжница. Муслиу истакнува дека и граѓаните ќе ги почувствуваат на свој грб последиците од кризата.

Во собраниска процедура се влезени и измени на градежната регулатива, односно се предлага воведување на енергетски пасош кој ќе гарантира изградба на станови кои ќе бидат енергетски ефикасни. Од Нова година нови правила ќе важат и за за реконструкција и доградба на станови и згради. Законските измени предвидуваат дека секој граѓанин и секоја фирма која ќе прави реконструкција на објект во вредност од 25 проценти од цената на објектот ќе биде должен да обезбеди сертификат за енергетска ефикасност. Глоба во износ од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на правно лице -инвеститор ако по извршена значителна реконструкција на објект за кој се применува Правилникот за енергетски карактеристики на зградите, не обезбеди сертификат за енергетски карактеристики, пишува во предложениот закон. Тука се и слободните здравствени зони кои што ги најави министерот за здравство наменети за изградба на болници со половина странски капитал и со половина буџетски пари кои нема да бидат достапни за македонските граѓани.

Стојадиновиќ посочува дека од правно – формален аспект политичката криза ѝ даде целосно одврзани раце на власта во структурирање на законите и Уставот според своите желби.

„Политичката криза само создаде ситуација на слободно делување на власта во поглед на исполнување на својата политичка агенда на која се најдоа и уставните промени и менувањето на грбот, иако менувањето на грбот сè уште не е реализирана тема, дадена е само како предлог. Оваа политичка криза е ситуација која буквално овозможува монолог на власта и автоматски слободно делување на власта во секој сегмент на општеството“, вели Стојадиновиќ.

Од друга страна, последици ќе се почувствуваат и на надворешен план. Земјата се движи кон целосна изолација, алармираат политиколозите. Муслиу истакнува дека последиците на надворешен план веќе се чувствува, недостатокот на дијалогот е дел од извештајот на Европската комисија.

„Ќе влијае негативно и врз сериозноста на нашата политичка елита и во односот на тие партнери кон нашата политичка елита, значи влијанието веќе се чувствува, затоа верувам дека нашите меѓународни партнери инсистираат тој дијалог да се одблокира и да се изнајде некое компромисно решение што ќе резултира со враќањето на опозицијата во парламентот“, вели Муслиу.

Стојадиновиќ вели дека толку долга и голема политичка криза немало од осамостојувањето на Македонија, а со тоа и последиците на надворешен план се големи.

„Македонија воопшто нема намера да оди по патот на демократски промени и може да доведе до ситуација да биде политички изолирана од меѓународната сцена, а политичката изолација на меѓународна сцена за една држава значи политичко самоубиство“, вели таа.

Инаку и во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава објавен во октомври се наведува дека решавањето на политичка криза е одговорност и на владата и на опозицијата кои треба да обезбедат политичката дебата пред сè да се одвива во парламентот и да придонесат да се создадат услови за негово добро функционирање.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG