Достапни линкови

Два марша пред кукавичкото гнездо


Стефан Богоев, претседател на Социјалдемократската младина на Македонија, СДММ.

Стефан Богоев, претседател на Социјалдемократската младина на Македонија, СДММ.

Тие, бунтовните и независните млади, тие се корективот на општеството, оние кои се тука за во даден момент оној кој ќе забега со паметот да го фатат за уши и да го вратат назад во колосек, пишува Стефан Богоев, претседател на СДММ, во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Се случи и тоа! Се случи на најубав можен начин! Пукна и втората пушка, многу посилна, многу помасовна од првата, но сепак остана чиста, искрена, независна… за прв пат во нашата држава!

Тие, бунтовните и независните млади, тие се корективот на општеството, оние кои се тука за во даден момент оној кој ќе забега со паметот да го фатат за уши и да го вратат назад во колосек.

​По изминативе неколку денови, денови исполнети со среќа и гордост на своите млади сограѓани, не можам да ја започнам колумнава, а да не го кажам следново, искрено и од срце: Другарки и другари, млади и поранешни млади кои марширавте во средата, јас ви се поклонувам!

Отсекогаш сум бил сигурен дека во оваа наша малечка Македонија живеат разумни, храбри и истрајни млади луѓе, млади кои знаат што сакаат и кои нема да трпат неправди по ниедна цена. Токму таквите млади и требаат на државата, во секое време, во мандатот на било која власт.

Тие, бунтовните и независните млади, тие се корективот на општеството, оние кои се тука за во даден момент оној кој ќе забега со паметот да го фатат за уши и да го вратат назад во колосек. Ќе му посочат каде греши, ќе му дадат подобра идеа од неговата без притоа воопшто да размислуваат за некаков финансиски, политички или каков било бенефит. Чисто, искрено и независно, баш каква што е и нивната главна одлика! Се враќам на делот во кој спомнав среќа и гордост.

Да другари, среќен сум и горд бидејќи оваа држава има десетици илјади такви млади. Млади кои се спремни на плеќи да ја однесат државата во посветла иднина, иднина која секако токму нив им припаѓа. Но, дали тој некој кој е фатен за уши е спремен да сослуша и да признае дека згрешил, да признае дека не секогаш суетата треба да му е на прво место!? На крајот на краиштата, кој признава пола му се проштева. Или пак не?!

Tие повторно по којзнае кој пат гледаат непријатели и душмани во оние кои гласно го кажуваат својот став и се борат за своите права, наместо да согледаат коректив и добра намера. Но кога некој го сметаш за непријател, редно е машки да се соочиш со него во рингот!

Покрај гореспоменатото, како горд долгогодишен носител на црвеното крукче доделено од курировото жири, можам да заклучам и неколку други работи. Најпрво, во денешно време црвеното крукче околу главата е орден за храброст, чесност, независност и искреност. Кој го има, нека му е алал! Кој го нема, под итно да се избори и да си го заслужи!

Второ, кукавиците од Илинденска бб очигледно не сфаќаат за што говорев погоре во текстот. Тие повторно по којзнае кој пат гледаат непријатели и душмани во оние кои гласно го кажуваат својот став и се борат за своите права, наместо да согледаат коректив и добра намера. Но, кога некој го сметаш за непријател, редно е машки да се соочиш со него во рингот! За жал, боксерот како и секогаш, скриен позади неговата гнасна Гебелсова пропаганда, го напушти рингот и ги остави младите да начекаат празен ринг.

Оттука, овој објект веќе не заслужува да се вика ниту ринг, ниту влада, за мене од денес е кукавичко гнездо! Трето, тие по секоја цена ќе продолжат да ве прават продолжена рака на опозицијата. Игнорирајте! Имаат една и единствена цел, да ви го одвлечат вниманието кон објаснување и докажување, наместо кон конкретно делување. И четврто, ова треба да продолжи, уште посилно, уште поинтензивно и уште помасовно и да стане пракса, за секоја неразумна т.н. реформа во која било сфера и повторно ќе кажам, во време на која било власт! Активното граѓанство е столб на една модерна, здрава и демократска држава, нешто што Македонија се стреми да биде веќе долги години!

На самиот крај, би сакал да го искористам просторот и нешто лично да ги прашам кукавиците од кукавичкото гнездо и нивните гулаби писмоносци кои делат црвени крукчиња. Дали сфаќате дека после се ова што го правите, повторно, на улица, или во кафеана, театар, кино ќе треба да се сретнете и да им погледнете на сите овие млади во очи!? Имате ли и вие деца, студенти, средношколци или ако ништо друго планирате ли да имате!? Кој тогаш кога на нив ќе им затреба ќе им застане во одбрана!? Како ќе ви биде на вас кога вашето дете ќе сака слободно да се изрази, а некое полуписмено кукавиче ќе му ја заклучи школската врата!? Како ќе се возите во своите лимузини, ако некој ви застане на патот и ви ги блокира улиците!? Уште поважно, како ќе си влезете во вашите пространи канцеларии ако некој ви постави шатори пред истите!? На крајот на краиштата, зарем мислите дека вечно ќе седите во кукавичкото гнездо на Илинденска бб и ќе правите што ви се сонило!? Јас на последново, би ве советувал да размислите уште еднаш.

XS
SM
MD
LG