Достапни линкови

logo-print

ЦИА се брани


Директорот на ЦИА Џон Бренан изјави дека Агенцијата само во мал број случаи користела нехумани техники при испрашување на осомничени за тероризам. Според него, ЦИА по терористичките напади врз Америка била решена да спречи слични такви акции.

Директорот на Централната разузнавачка агенција ЦИА Џон Бренан на прес конференција, што е реткост за Агенцијата, најпрвин посочи на ужасите за време на терористичките напади врз Соединетите држави на 11 септември 2001 година. Тој додаде дека оперативците на ЦИА биле во првите редови за да предупредат слични такви акции.

„Во ограничен број случаи службеници на Агенцијата користеле недозволени техники на сослушување кои беа одвратни и со право треба да бидат отфрлени од сите“, изјави Бренан.

Тој констатира дека ЦИА многу работи направила исправно во време кога, како што рече, „немало лесни одговори“.

Во ограничен број случаи службеници на Агенцијата користеле недозволени техники на сослушување кои беа одвратни и со право треба да бидат отфрлени од сите.

Деновиве американскиот Сенат објави извештај кој беше подготвуван пет години и во кој на јавноста и се претставени ужасните техники на испитување што ги користела ЦИА во тој период.

Во извештајот од 6 илјади страници, од кои само нешто над 500 се објавени се заклучува дека Агенцијата ги измамила Белата куќа и јавноста за тортурите и оти дејствувала многу побрутално од што кажувала.

Бренан одби овие техники да ги нарече тортура, како што стои во извештајот, и како што тоа го стори претседателот Барак Обама.

„Еден од најфрустрирачките аспекти на студијата е што пренесува широк поглед за ЦИА и нејзините службеници како недоверливи и оти правеле се за да ја зачуваат програмата за која мислеле дека е исправна.“

Бренан, додаде дека не се точни наводите во сенатскиот извештај дека ваквите техники на испитување затвореници не довеле до корисни и вредни разузнавачки информации.

Во извештајот не се бара итно гонење на извршителите и наредбодавците, но тоа го стори специјалниот претставник на Обединетите нации кој побара одговорните за ваквите злосторства да се изведат пред лицето на правдата, а организациите за човекови права почнаа да вршат притисок.

ЦИА сега, како што се оценува, се најде во неудобна позиција јавно да се брани за она што и е основна мисија, да ја брани земјата во тајност.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG