Достапни линкови

Нема откуп за кромидот


Macedonia - No ransom onions in Macedonia.
Macedonia - No ransom onions in Macedonia.

Земјоделците реагираат дека кромидот се откупува по ниска цена, а и нема откупувачи. Стравуваат дека родот ќе им скапе по нивите.

Осумдесетгодишниот земјоделец, Александар Шипинкоски од прилепското село Бела Црква годинава е сериозно загрижен за егзистенцијата на своето 10 члено семејство. Двата сина вели оствариле вкупно производство на приближно 30 тони кромид. Но, иако е време, речиси и да нема откуп, а цените по кои се нуди преземањето на родот се симболични.

Кромидот еве го сега 8 денари нема кој да го земе. Државата ни зема профит на ова, а не ни помага да го продадеме. Штетите се големи, луѓето вадат по 30 тони производство, а не можат да преживеат.
Александар Шипинкоски, земјоделец.

„Кромидот еве го сега 8 денари нема кој да го земе. Државата ни зема профит на ова, а не ни помага да го продадеме. Како што беше со пченицата, ние не сме стопани на пченицата, млинарите и трговците решаваат за нас и до каде ќе оди тоа, ние не знаеме. Штетите се големи, луѓето вадат по 30 тони производство, а не можат да преживеат“, вели Шипинкоски.

Поради ниските откупни цени реагира и Драган Милески, земјоделец, исто така, од Бела Црква.

Цената е осум денари, трошок е 6-7 денари, што значи за еден денар работиме, т.е. ниту за еден денар не работиме, оти откупот е слаб откуп, нема, само еден откупува во сите овие села.
Драган Милески, земјоделец.

„Цената е осум денари, трошок е 6-7 денари, што значи за еден денар работиме, т.е. ниту за еден денар не работиме, оти откупот е слаб откуп, нема, само еден откупува во сите овие села“, вели Милески.

Дека со овие откупни цени, земјоделците трпат големи штети посочува и Димче Паскоски.

„Трошоците се големи, кирии се плаќаат, се фрлаат ѓубрива, орањето, нафтата е скапа, а кромидот е 8 денари и пари по 60 дена, не оди ова вака, скапува кромидот,ќе се фрли, барем ќе се ѓурбат нивите, нема да тураме други ѓубрива“, вели разочаран Паскоски.

Бела Црква е едно до трите села во Општина Кривогаштани, најголеми производители на кромид. Годинешната реколта е тешка околу 4.000 тони, но откуп се врши само во еден откупен центар.

„Најмногу производство се врши во селата: Воѓани, Бела Црква и Обршани, кои што се големи производители на кромид, додека нема поширок пласман, ние како центар „Бела Црква“ имаме договор склучено во „Инвест фуд“ во Куманово, за 200 тони. Но, со оваа количина нема да се реши проблемот на ниво на општина“, вели Рубин Шефтероски, сопственик на откупниот центар „Бела Црква“ во истото село.

Според Шефтероски, годинава нема интерес од странските партнери од Косово и Албанија, каде на големо се вршеше извоз на кромид, минатите години. Земјоделците бараат помош од Министерството и Владата. Велат ако итно не се интервенира и не се обезбеди сигурен пласман, кромидот ќе скапе, ќе заврши на депониите, а земјоделците ќе живеат во сиромаштија, бидејќи дел од нив, не ги добиле се уште ветените премии за повеќе култури.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG