Достапни линкови

logo-print

Медиумите секој од свој агол за студентските протести


Телевизиите и весниците на различен начин броеја колку луѓе имало на студентскиот марш. Тие пишуваа и за новиот грб, платите, опозицијата, апсењата.

Дали биле само половина од вкупниот број студенти во Македонија, како што објави провладината телевизија Канал 5, или од 16 до 18 илјади, според опозициски настроените 1-2 телевизии и интернет портали, сеедно, студентите и средношколците во средата маршираа во Скопје и пред Собранието и Владата го искажаа своето мислење против планираниот државен испит.

Десетка на студентите: Катанците не ги спречија средношколците да маршираат со студентите.

Утрински оди со наслов: „Масовен марш против државниот испит на универзитетите - студенти маршираа и во Битола и во Прилеп“. Вечер напиша, ама не на насловната, „Студентите маршираа против државниот испит“, а Слободен печат им даде „Десетка на студентите: Катанците не ги спречија средношколците да маршираат со студентите“. Утрински и Дневник објавија дека за време на протестот, „Телефоните занемеа - мрежата на Т-мобиле целосно беше во прекин околу половина час, а корисниците на ВИП и ОНЕ комуницираа само во своите мрежи“. Во Утрински може да се прочита дека „Правен факултет го отфрли концептот за државен испит како противуставен“.

Дневник информира дека „Уставен суд ќе го укинува видливото мастило во изборниот процес како противуставно“. „Дали новиот грб дополнително ќе го подели општеството - прашува Утрински, по најавите дека Владата дала предлог за нов грб на државата.

Нови заобиколувања на Уставот во полза на пратениците на СДСМ. Седницата за одземање на мандатите на опозициските пратеници ќе биде закажана на 22 декември.

Дневник бележи: „Нови заобиколувања на Уставот во полза на пратениците на СДСМ“ - весникот дознава дека седницата за одземање на мандатите на опозициските пратеници ќе биде закажана на 22 декември.

Утрински пресметува: „Четири наши плати колку една светска - просечната плата во Македонија изнесува 415 долари, а во светот 1.600. Во развиените земји - 3.000 долари“. Вечер објавува дека „За единаесет месеци од годинава над 8.000 македонски државјани побарале азил во Германија“. Утрински пресметал дека за службените возила, чиј број никој точно не го знае, се оперирало со бројката од 3.000, се даваат по 10 милиони евра за одржување и гориво.

Вечер на насловната: „Апсења во повеќе градови во западниот дел на Македонија, паѓаат криминалци, адвокати и извршители“. Се чини сме имале среќа што кај нас не почна да се гради кракот за Јужен поток: „Москва бара Србија и Бугарија да ги вратат парите на Гаспром за изградените инсталации“ - насловува Утрински. И ова е за во историјата: „Албанската телевизија ќе почне да емитува емисии на македонски, како и на јазиците на другите етнички заедници во Албанија - прв пат во историјата“, објави исто така Утрински.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG