Достапни линкови

Илјадници Палестинци на улицa поради смртта на министер


Илјадници Палестинци денеска излегоа на улиците на Рамала да му одадат последна почит на палестинскиот министер Зиад Абу Еин, кој почина вчера по расправија со израелските војници. Израелската армија испрати засилување на Западниот Брег поради можни немири по погребот на министерот. Тој почина вчера по конфронтација со израелски војници на протестот против еврејските доселенички населби на Западниот Брег. Палестинското водство оцени дека тој бил убиен од страна на Израел. Палестинскиот министер за цивилни работи, Хусеин ал-Шеик, изјави дека аутопсијата покажала дека Зиад Абу Еин починал како резултат на „удар“ од страна на израелските војници и нивната огромна употреба на солзавец. Израелското министерство за здравство, пак, соопшти дека палестинскиот министер починал поради блокада на коронарните артерии, што „може да биде предизвикано од стрес“ и додаваат дека починатиот имал проблеми со срцето. Аутопсијата беше спроведена од палестински, израелски и јордански доктори.

XS
SM
MD
LG