Достапни линкови

Во Грција можни предвремени избори


Во Грција пораснаа шансите за одржување предвремени избори откако премиерот Андонис Самарас реши овој месец парламентот да избере нов шеф на државата. Доколку тоа не се случи тогаш, според Уставот, мора да бидат закажани предвремени парламентарни избори.

Грчките пензионери кои протестираат во Атина синоќа даваа храна симболично да покажат дека луѓето се гладни по годините на остри мерки за штедење. Протестот се одржа пред Министерството за финансии.

„Како што гледате финансиската ситуација со секој ден станува се полоша и полоша. Не знам што натаму ќе се случува, но работите не се воопшто добри“, вели 68 годишната Анастасија Коцира, чија пензија во изминативе четири години се намалила на 450 евра месечно.

Демонстрантите се противат на можните нови реформи планирани од владата, а во кои е вклучено и покачување на старосната граница за одење во пензија и замрзнување на пензиите во наредните три години.

Премиерот слуша само она што сака да го слушне. Работниците, пензионерите и невработените ќе му ги испраќаат нивните пораки преку протести, а наскоро и преку избори.

Тие ја поздравуваат можноста од предвремени парламентарни избори, наведувајќи дека владината коалиција го обремени животот со премногу мерки за штедење.

„Премиерот слуша само она што сака да го слушне. Работниците, пензионерите и невработените ќе му ги испраќаат нивните пораки преку протести, а наскоро и преку избори“, вели Ангелос Курсарис.

Шансите за вонредни избори се зголемија откако премиерот Андонис Самарас се реши на коцкарски потег, односно наскоро парламентот да гласа за нов шеф на државата.

Доколку неговата влада не успее да обезбеди доволно гласови за тоа, тогаш според Уставот, мора да бидат спроведени вонредни избори кои во нормални услови треба да се одржат во 2016 година. Во моментов Самарас ги нема потребните 180 пратеници во парламентот.

Нашата цел е да излеземе од спасувачкиот пакет порано и тоа ќе го оствариме. Тоа ќе биде олеснување за оние што најмногу страдаа од овој пакет.

Левичарската партија Сириза, жесток противник на грчкиот договор со Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд за финансиска помош води на последните анкети.

Според најновата, доколку изборите би се одржале сега Сириза ќе добие 29 проценти, а Нова демократија на Самарас 24 проценти од гласовите.

Премиерот Самарас се обидува да излезе од договорот за финансиска помош кој е поврзан со спроведување на жестоки мерки за штедење.

Во тек се преговори со Унијата и Фондот за натамошното одвивање на договорот, но владата најави дека веќе не сака да прави натамошни кратења во јавниот сектор.

„Нашата цел е да излеземе од спасувачкиот пакет порано и тоа ќе го оствариме. Тоа ќе биде олеснување за оние што најмногу страдаа од овој пакет“, вети премиерот Андонис Самарас за време на една бизнис конференција во Атина, додавајќи дека се решил на предвремен избор на шеф на државата за што поскоро да се расчисти политичката сцена во земјата.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG