Достапни линкови

Oптимизaм за повисок пласман на кошаркарите


Националниот тим верува дека имаат сили за влез во Топ 16, за што ќе треба да го освојат најмалку четвртото место во групата, а поволната жребка носи оптимизам дека може да се направи барем уште еден чекор напред.

„Пласманот во осминафиналето не би требало да претставува посериозен проблем, а со малку среќа, не е недостижно ниту четвртфиналето на Еуро.“

Жребката по мене е добра. Групата со која што би вкрстиле понатаму ако се пласираме во осминафиналето, исто така е добра. И оние два натпревари, да кажам што сите, нели, очекуваме да ги победиме.

Ова е мислењето во домашната кошаркарска јавност по дознавањето на противниците во групната фаза од Европското првенство, што ќе се одржи во септември наредната година. Жребката не смести во групата Це, каде што за влез во Топ 16 ќе треба да го освоиме најмалку четвртото место во конкуренција на Хрватска, Словенија, Грција, Грузија и на Холандија.

Александар Костоски.

Александар Костоски.

Рејтингот, како и тоа што натпреварите ќе се играат во Загреб, каде што се очекува голема поддршка од македонските навивачи, влеваат надеж дека примарната цел ќе биде исполнета, а оптимизмот за повисок пласман го подгрева и евентуалниот противник во осминафиналето. Таму би вкрстиле со групата Де, каде што се Летонија, Литванија, Украина, Белгија, Чешка и Естонија. Тоа се репрезентации кои сме ги победувале во минатото и против кои имаме реални шанси за влез во најдобрите осум на Стариот континент, смета репрезентативецот Александар Костоски.

Ние ја подмладивме нашата репрезентација и нема да биде лесно со овој нов состав што го имаме. Се надевам дека и некој од постарите репрезентативци кои најавија повлекување, дека ќе ни се приклучат и дека со нив би ни биле поголеми шансите за да направиме некој подобар резултат на тоа ЕП.

„Жребката по мене е добра. Групата со која што би вкрстиле понатаму ако се пласираме во осминафиналето, исто така е добра. И оние два натпревари, да кажам што сите, нели, очекуваме да ги победиме, со Холандија и Грузија, и можеби едно изненадување во оние три натпревари против посилните репрезентации во нашата група (Хрватска, Словенија и Грција), би не довело во одлична ситуација да може да се пласираме и во четвртфинале. Така да, на тие големи натпреварувања, некогаш квалитетот не е баш пресуден. Треба многу фактори, треба и среќа, треба и да се погоди денот, така да, мислам дека се е можно“, изјави Костоски.

За исполнување на овие желби, ќе бидат неопходни и квалитетни подготовки. Кошаркарската федерација веќе најави учество на три турнири (во Литванија, Полска и во Македонија), на кои избраниците на селекторот Александар Џикиќ, ќе се соочат со силни репрезентации, што ќе биде добредојдено за подигнување на формата. Но, според еден од поискусните во националниот тим, Дарко Соколов, за висок пласман на Еуро ќе мора да се направи и напор за враќање на некои од играчите, кои од разни причини (повреди, одмор, повлекување) не беа дел од августовските квалификации (Перо Антиќ, Ѓорѓи Чековски, Владо Илиевски, Лестер Мекејлеб, Предраг Самарџиски...).

„Ние ја подмладивме нашата репрезентација и нема да биде лесно со овој нов состав што го имаме. Се надевам дека и некој од постарите репрезентативци кои најавија повлекување, дека ќе ни се приклучат и дека со нив би ни биле поголеми шансите за да направиме некој подобар резултат на тоа ЕП. Бидејќи знаете таму е доста напорно, за 6-7 дена се играат 5 натпревари, каде што ќе треба доста и физички и тактички да бидеме подготвени за ако сакаме да направиме некој подобар резултат“, рече Соколов.

Инаку, за Македонија ова ќе биде вкупно петто, а четврто едноподруго учество на кошаркарско ЕП (1999, 2009, 20011, 2013 и 2015 година), кое, пак, за првпат ќе се одржи во 4 држави - Франција, Германија, Хрватска и Летонија (од 5-ти до 20-ти септември 2015 година). Битката за висок пласман ќе ја почнеме против Грција на 5-ти септември. Наредниот ден ќе се соочиме со Холандија, два дена подоцна со Хрватска, а во последните две кола од групната фаза, на 9-ти и на 10-ти септември противници ќе ни бидат Грузија и Словенија.

XS
SM
MD
LG