Достапни линкови

logo-print

Дамчевска – Додека не се надминат предрасудите нема излез од ќорсокакот


„Од собата до Холивуд“ на Весна Дамчевска.

„Од собата до Холивуд“ на Весна Дамчевска.

„Од собата до Холивуд“, со поднаслов „Сликата на жената уметник во биографскиот филм“, е именувана книгата на м-р Весна Дамчевска што како издание на „Зојдер“ се појави неодамна. Во својата деби објава новинарката и уредничка во весникот „Нова Македонија“, како што ќе забележи рецензентот Александар Прокопиев, „со знаење и страст ја разоткрива сѐ уште репресираната слика на жената уметник“.

Моето истражување прво тргна од тоа каков е воопшто статусот на жените уметници низ историјата. Колку се тие присутни во каноните на историјата на уметноста. И разбирливо стигнав до познатото сознание дека жените главно секогаш биле туркани настрана. На маргините од историјата на уметноста.

Има одредени конкретни податоци и статистики дека во некои од најважните историски научни дела жените воопшто не се вклучени. Иако ги имало низ целиот период низ историјата на уметноста. Тие не биле помалку талентирани од нивните колеги мажи.

Вака Весна Дамческа ќе ја започне сторијата за настанувањето на „Од собата до Холивуд“, книгата која го носи поднасловот „Сликата на жената уметник во биографскиот филм“ и која како издание на „Зојдер“ беше публикувана и промовирана неодамна. Се работи, како што ќе забележи рецензентот проф. Д-р Александар Прокопиев, за богато содржајна и провокативна студија со луцидни анализи и толкувања, обмислена со критичка, културолошка свест преку која се афирмираат две значајни теми – жената уметник и биопикот (биографскиот филм).

Весна Дамчевска.

Весна Дамчевска.

„Има одредени конкретни податоци и статистики дека во некои од најважните историски научни дела жените воопшто не се склучени. Иако ги имало низ целиот период низ историјата на уметноста. Тие не биле помалку талентирани од нивните колеги мажи. Времињата секако се менуваат но жените и понатаму остануваат на маргините иако денес се дефинитивно поприсутни. Моето мислење е дека се додека не се надминат тие предрасуди и стереотипи дефинитивно нема да излеземе од тој ќорсокак“, вели Дамчевска.

За сите се снимени биографски филмови и книгата практично е една анализа како се улогите на овие жени претставени на филм.

Во анализата авторката посега по факти од сториите од животите и творештвата на големите уметнички на 20 век – сликарката Фрида Кало, писателката Вирџинија Вулф, поетесата Силвија Плат и фотографката Дајен Арбус.

„За сите се снимени биографски филмови и книгата практично е една анализа како се улогите на овие жени претставени на филм. Мислам дека ова поле за истражување нема крај и дека се нудат многу други поконкретни теми кои можат понатаму да се разработуваат, а кои што , пак, во нашата теориска литература и не се толку присутни. На пример, може да се отвори прашањето за жените режисерки. Не знам колку жени режисерки има во нашата кинематографија од почетоците до денес, оти жените секогаш биле присутни во македонскиот филм, но најчесто како актерки, шминкерки, костимографки...“

Таа појаснува дека книгата „Од собата до Холивуд“, чие извориште патем е нејзиниот магистерски труд на катедрата по македонски јазик на културолошките студии, е популарно, лесно читливо четиво и дека е особено податливо и за пошироката публика. Вели дека таа почнува и завршува со прашање.

„Читателите не треба да очекуваат дека ќе ги добијат сите одговори од оваа книга туку ќе можат да видат дека отвора некои прашања на кои што треба да се побара одговорот меѓу статистиките, меѓу фактите, меѓу желбите и т.н. Значи, отвора безброј прашања и затоа завршува со прашање.“

Од таму, не чуди кога рецензентката проф. Д-р Ана Мартиновска ќе рече дека Дамчевска всушност, ја почнува својата книга со едно провокативно прашање, кое многумина го сметаат за нерешливо. Што сакаат современите жени? Во потрагата, како што вели Мартиновска, таа поаѓа од не(видливоста) на жените во уметничката продукција преку краток преглед на феминистичките теории, особено на денешната перспектива и сѐ поактуелните прашања: Дали феминизмот ја заврши својата борба? Дали е време за еманципација на мажите? Зошто помеѓу двесте најголеми уметници на 20 век на листата на „Тајмс“ има само деветнаесет жени? Дали жените не создаваат големи дела или тие немале услови (финансиска независност и сопствена соба)? Ми се чини дека токму нејзината способност да ги постави вистинските прашања, што веројатно има свои корени во нејзината професионална, новинарска верзираност, е и врвниот квалитет на оваа книга - заклучува Мартиноска.

Инаку, Весна Дамчевска дипломирала на Интердисциплинарните студии по новинарство на Правниот факултет при Унивезитетот „Св, Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 1998 година работела како новинар во културната рубрика на весникот „Македонија денес“ и во неделникот „Денес“, а потоа и во дневниот весник „Време“.

По цела една декада, во 2008 година, Дамчевска ќе стане член на Редакцијата на реоформениот прв македонски дневен весник „Нова Македонија“, за да по две години стане уредничка на културната рубрика и на неделниот прилог за култура, творештво и идеи „Лик“ кој секоја среда излегува на страниците на весникот.

Таа досега објавувала културолошки текстови и во стручни списанија и зборници („Книжевен контекст“ на Институтот за македонска литература, 2009 година, Скопје; „Театарски гласник“ на Дирекцијата за култура и уметност-Скопје, 2012, Скопје; зборниците „Нов танцов театар“, 2011 г. и „Патот на промените“, 2012 г. на Културниот центар „Интерарт“…).

Во 2012 година магистрира на тема „Сликата на жената уметник во биографскиот филм“ на Интердисциплинарните културолошки студии на Институтот за македонска литература. Редактор е и на два прозни избора: „Бубамара на зрно калинка – 50 години Конкурс за краток расказ на Нова Македонија“ (Скопје, 2010 г.) и „Антиупатства за лична употреба“ на Александар Прокопиев (Скопје, 2012 г. избор), изданија на „НИК Нова Принт“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG