Достапни линкови

Живот на свеќа, цела година живеат без струја


Самохрана мајка и нејзините две малолетни деца од Куманово, цела година живеат без струја, оти немаат пари да си ги платат сметките. Бараат помош од државата да се надминат правните пречки, за да може да примаат социјална помош.

Кумановката Мери А. (31), самохрана мајка со двете малолетни деца, поради долгови за неплатени сметки за струја веќе цела година живеат на свеќи. За гола егзистенција таа повремено поработува. И нејзиниот поранешен сопруг Борче М. (33) набргу по разводот останал без работа, но во сета несреќа, среќа е што тие се во добри односи и сета заработувачка тој им ја носи на децата.

Цела година. Дојдода ми го извадија и струјомерот, ги исекоа жиците од бандера, а децата веќе не можат, сакаат да учат. Сега на свеќи учат.
Мери, А, самохрана мајка од Куманово.

„Не зимаме социјална помош поради високата алиментација, но тој веќе четири години е невработен. По разводот работеше само месец-два и го отпуштија.“

Лете, Мери работи по ниви, а зиме понекогаш чисти по куќи, за што добива паричен или материјален надоместок.

„Животот е никаков. Без струја, бидејќи немам со што да ја платам и тој ми е најголем проблем.“

РСЕ: Колку време немате струја?

Единствено барам помош од премиерот и министерот Диме Спасов до кого по електронски пат и телефонски побарав помош, а немам одговор.
Борче, А.

„Цела година. Дојдода ми го извадија и струјомерот, ги исекоа жиците од бандера, а децата веќе не можат, сакаат да учат. Сега на свеќи учат.“

Низ солзи раскажува оваа млада жена и додава дека иако куќата е на поранешниот сопруг тој и ја оставил нејзе и на децата, но сметките доаѓаат на негово име и поради беспарица не можат административно да го регулираат преносот на нејзино име.

„Тој кога ќе поработи нешто ми ги дава парите. Ако заработи 600 денари ги дава на децата, ама тоа не е доволно за цела недела. Се случува тој да нема работа и повеќе од една недела, а со тие пари јас не можам и да ги хранам и да ги облекувам децата, да ги школувам и вода и сметките за струја да ги платам.“

И родителите на Мери се социјални случаи, а братот кога има нешто повеќе им помага. Сепак, таа вели дека најголем проблем и е струјата.

„Едното дете има седум, а другото 12 и најмногу ме боли што не можат како сите деца да живеат нормално, да одат на школо и да учат. Тие учат на свеќи.“

Мери вели дека активно бара работа, а социјална помош не може да добива.

„Во судот за молба треба да платам четири ипол или пет илјади денари за да ми се намали алиментацијата, или да се стави во мирување за да можам да поднесам за социјална помош.“

Правобранителот ја подучил Мери дека со изјавите на двајцата поранешни сопружници тоа е изводливо. Тие ги однеле сите документи, но залудно. Законот, според вработените во Центарот за социјални работи, тоа не го уважува.

Борче, поранешниот сопруг на Мери, раскажува дека пораснал без родители, завршил средно образование, цел живот работел секакви работи. Така е и сега, меѓутоа тој презема се да ги одгледа децата.

„Единствено барам помош од премиерот и министерот Диме Спасов до кого по електронски пат и телефонски побарав помош, а немам одговор.“

Тој додава дека иако бракот не им успеал, по разводот сепак заеднички се грижат за децата. Борче може да работи сè, но долговите се проблем кој не можат да го надминат.

И покрај тоа што живеат во сиромаштија и без струја, децата на оваа растурена брачна двојка не сакаат јавноста да знае за тоа. Тие се срамат нивните врсници да дознаат дека домашните задачи ги работат на свеќа, особено 12 годишниот основец.

Поранешните сопружници Мери и Борче како што велат, да не им е проблемот струјата, односно големиот долг, тие не би барале никаква помош од никого, ниту од државата. И струјата би ја плаќале да имале работа и редовни примања во изминатите четири години.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG