Достапни линкови

ЦИА користела брутални техники на испрашување


ЦИА користела техники на испрашување на осомничени терористи кои биле „брутални“ и „многу полоши“ од тоа што им го претставувале на официјалните претставници и дека со таквите методи не успеале да извлечат точни информации од испрашуваните, покажува извештајот на американскиот Сенат. Во извештајот на сенатската комисија за разузнавање објавен денеска се наведува дека техниките на испрашување на ЦИА „не биле ефективно средство за добивање точни информации или за придобивање на затвореникот да соработува“. Во извештајот ЦИА се обвинува дека ги довела во заблуда креаторите на политиките и други за нивото на бруталноста на овие техники против осомничените терористи во годините по нападите од 11 септември 2001 година. Се наведува дека методите вклучувале физичко малтретирање и покрај предупредувањата од медицинскиот персонал на ЦИА. Американскиот претседател Барак Обама оцени дека наводите во извештајот се „вознемирувачки“ и рече дека тој забранил тортура откако дошол на власт, затоа што тоа е спротивно на американските вредности.

XS
SM
MD
LG