Достапни линкови

Театар 007 со премиера на Централ парк – Запад од Вуди Ален


Независниот „Театар 007“ и „Соларис продукција“, оваа среда, на 10 декември, со почеток во 21 часот, на Малата сцена на Универзална сала, премиерно ја донесуваат претставата „Централ парк – Запад“ од Вуди Ален, во режија на Игор Ивковиќ. Станува збор за несекојдневна комедија од која бликаат „вудиаленовскиот“ интелектуален хумор, придружен со совршената психолошка вивисекција на карактерите и за проект „кој отвора важни секојдневни прашања за кои секогаш треба да се најде вистинскиот одговор“.

По „Ќелавата пејачка“ од Ежен Јонеско , „Игра“ - базирана на расказите на Данил Хармс, „Магија Еделвајз“ - стокмена како самосвојно творечко видување на „Балканот не е мртов“ од Дејан Дуковски, „Дракула – вистинска приказна“ на Загорка Поп Антоска, „Отпушоци“ - сценската адаптација на хит романот „Последната нова година“ од италијанскиот автор Николо Аманити и „Сината птица“ од Морис Метерлинк, Игор Ивковиќ, во независниот „Театар 007“, ја поставува претставата „Централ парк – Запад“ работена по текстот на прочуениот американски режисер Вуди Ален.

Во претставата ние се занимаваме со поставување на еден нов концепт на промислување на целиот простор на нашата сцена. Сакаме публиката да се почувствува дека е дојдена на една ситкомедија, нешто што можеби кај нас недостасува дури и на телевизиите и во секојдневното живеење.

Премиерната изведба ќе се случи оваа среда, на 10 декември, во 21 часот, на Малата сцена во Универзална сала, а во ова комедија со вудиаленовски интелектуален хумор, придружен со совршена психолошка вивисекција на карактерите, настапуваат актерите Ирена Илиевска, Ангела Наумоска, Марко Богдановски, Јеткин Сезаир и Елизабета Клинчаревска-Младеновска.

Ќе се работи навистина многу поактивно во 2015 година сè со цел да се збогати репертоарот и да ѝ се понуди на публиката една поинаква театарска естетика од онаа која што е застапена во државните театри.

Говорејќи за проектот Ивковиќ вели дека тој ја следи генералната политика на „Театар 007“ и дека речовито говори за неговиот личен режисерки ракопис карактеристичен за него во последниве неколку години – да се занимава со истражувачки, концептуален театар и да се бави со темите на апсурдот. Дополнува дека таквите свои творечки стремежи ги нашол и во Аленовиот текст „Централ парк – Запад“ каде, како што појаснува, очебијни се „тие несовршени проблеми кај совршените луѓе“. Дека тие луѓе колку и да се убави, да живеат елитно, сепак не може да излезат од кругот на дисфункционалностите дека не е сè розово.

„Во претставата ние се занимаваме со поставување на еден нов концепт на промислување на целиот простор на нашата сцена. Сакаме публиката да се почувствува дека е дојдена на една ситкомедија, нешто што можеби кај нас недостасува дури и на телевизиите и во секојдневното живеење. Целиот амбиент на еден начин е доста интимен, при што актерите и публиката заедно ги создаваат и директно ги кажуваат репликите кои некогаш се болни, некогаш се мачни, понекогаш премногу смешни ама продираат длабоко во нашата психологија“, истакнува Ивковиќ.

Тој не се сомнева дека и оваа претстава, впрочем како и останатите на кои работел со овој театар, ќе наиде на голем интерес кај публиката токму поради тие невообичаени, алтернативни и истражувачки форми на поставување на една театарска пиеса.

Од своја страна, пак, продуцентот Миодраг Костиќ ќе рече дека ова е нивната последна премиера за оваа година и дека пред нив е период во кој ќе ја продолжат мисијата за создавање на независната театарска сцена која ќе гравитира околу реновираната Мала сцена во Универзална сала и каде што слободно ќе може да творат повеќемина млади автори.

„Дарко Велиќ, дипломираниот актер и пантомимичар, ќе постави за прв пат сопствена целовечерна пантомимска претстава веќе во почетокот на наредната година, а најавуваме и соработка со режисерот Ненад Витанов кој ќе работи еден навистина интересен текст во „Театар 007“. Значи, ќе се работи навистина многу поактивно во 2015 година сè со цел да се збогати репертоарот и да ѝ се понуди на публиката една поинаква театарска естетика од онаа која што е застапена во државните театри“, вели тој.

Костиќ, воедно ги повикува сите млади творци кои сметаат дека имаат интересни и храбри театарски идеи слободно да ги контактираат на адресата на „Театар 007“ и информира дека првата реприза на претставата „Централ парк – Запад“ ќе биде веќе наредниот ден по премиерата, за да потем следуваат и изведбите на 13 и 14 декември.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG