Достапни линкови

logo-print

Адеми не го разбира утрешниот протест


Студентски Пленум повика утре на студентски марш без партиски и национални обележја. Министерот за образование Абдулаќим Адеми има разбирање за студентите, но не разбира зошто протестираат кога владата уште не го дефинирала државниот испит. Студентите пак, повеќе пати повторија дека се против идејата за надворешен испит кој задира во автономијата на Универзитетот.

Студентите утре ќе излезат на втор протестен марш против воведувањето на државниот испит на универзитетите. Од студентскиот пленум најавија дека маршот ќе започне во 12 часот пред платото на универзитетот Св. Кирил и Методиј, а ќе продолжи до Собранието, па до Владата. Од Студентскиот пленум очекуваат масовност и поддршка од професорите, средношколците и сите засегнати страни кои се грижат за квалитетот на високото образование.

Повикуваме да нема апсолутно никакво покажување на никакви партиски, национални симболи, бидејќи сметаме дека тоа ќе предизвика контраверзност и ќе се сфати во премногу негативна конотација како што досега не брендираа дека сме од многу различни партии итн, што дефинитивно се оградуваме од сите партиски влијанија.

Филип Манев од Студентскиот пленум вели дека нивното движење е надпартиско и единствена партиска книшка им е индексот.

„Повикуваме да нема апсолутно никакво покажување на никакви партиски, национални симболи, бидејќи сметаме дека тоа ќе предизвика контраверзност и ќе се сфати во премногу негативна конотација како што досега не брендираа дека сме од многу различни партии итн, што дефинитивно се оградуваме од сите партиски влијанија.“

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми вели дека предлогот за државниот испит се уште не бил разгледан на владина седница. Тој порача дека е одлучен во воведувањето на механизми за контрола и подобрување на квалитетот во високото образование.

Кога ќе го утврдиме секако дека ќе дискутираме и ќе дебатираме и со нив. Ако имаат издржани аргументи ќе ги прифатиме, меѓутоа заедничка цел и на студентите и на владата е подобрување на квалитетот на високото образование.

„Ги разбирам студентите, меѓутоа ќе повторам уште еднаш, се уште немаме утврдено ни модел, ни концепт за државниот испит. Кога ќе го утврдиме секако дека ќе дискутираме и ќе дебатираме и со нив. Ако имаат издржани аргументи ќе ги прифатиме, меѓутоа заедничка цел и на студентите и на владата е подобрување на квалитетот на високото образование“, вели Адеми.

На прашањето за етикетите кои ги добија од власта дека студентите се поддржани од власта и Сорос со цел да бидат дискредитирани, Ана Кнежевиќ од Плеумот вели дека тоа покажува оти државните институции не се подготвени да дискутираат со нив.

„Мислам дека се што прават тие е дисквалификување и етикетирање, што навистина не доликува на никакви политички структури. Доколку тие сакаат да дискутираат со нас, треба да користат аналитичен и критичен говор без дисквалификација, а за тоа колку луѓе ќе има утре на студентскиот марш, премиерот може да дојде и да види самиот.“

Адеми рече дека нема информации за притисоци врз студентите.

„Не би сакал да има такви притисоци, затоа што Македонија е демократска држава, секој има право да протестира, тоа е загарантирано право со Устав и со закони, меѓутоа не знам зошто се протестира кога се уште немаме концепт и модел.“

Адеми изрази очекување дека владата предлогот ќе го разгледа во наредните денови и доколку биде усвоен ќе биде даден на јавна дебата. Од студентскиот пленум велат дека остануваат на својот став и ќе продолжат да се борат и натаму.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG